ИНТЕРВЈУ Данела Арсовска: Не сум ниту човек на Груевски, ниту на Заев

by fokus

Претседателката на Сојузот на стопанските комори, Данела Арсовска се кандидираше како независен кандидат за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори. Поддршка доби од ВМРО-ДПМНЕ, а во интервју за неделникот „Фокус“ одговара на прашањата за нејзината наводна поврзаност со поранешниот премиер Никола Груевски, за нејзината работа во Сојузот на стопански комори, но и за Скопје, кое, според неа, има проблеми кои не се за во 21 век

ФОКУС: Во оваа политички битка што се води, во јавноста постојано се пласира вашата позиција како почесен конзул во Унгарија и дека токму вие сте човек на Груевски, со оглед на тоа што тој е во азил во Будимпешта. Колку има вистина во тие информации. Дали сте човек на Груевски?

АРСОВСКА: Јас не сум ниту човек на Заев, ниту на Груевски. Прво и основно треба да се знае кој ги пласира овие информации, тоа треба да биде клучот и одговорот на ова прашање, затоа што доколку сака некој да пласира такви информации, треба тие да ги докаже и покаже. Зошто се пласира и зошто токму сега. Особено треба да се има предвид дека оваа влада, предводена од СДСМ, во 2020 година беше таа која со сопствена одлука даде согласност за моето именување за почесен конзул на оваа позиција.

ФОКУС: Каква е соработката на ССК со оваа влада?

АРСОВСКА: Во последните пет години многу блиску имав можност да соработувам и да седам на иста маса со моменталната влада како претседател на Сојузот, да даваме препораки, мислења, свои предлог политики коишто беа усвојувани и беа пресликани низ мерките, коишто се донесени. Еве, најново беа пресликани во економските мерки кои владата ги носеше за спас на стопанството и сметам дека сме придонеле многу со секоја влада во којашто сме соработувале со својата работа и своите предлози. И така ќе биде и понатаму, Сојузот ќе биде гласот на малите и средните претпријатија и ќе биде оној којшто ќе ги застапува нивните интереси во секојдневието, за да им се решат проблемите, а проблеми имаат многу.

ФОКУС: Како ги оценува политиките на претходната влада во однос на малиот бизнис, со оглед дека таа влада беше препознатлива по пониските, односно намалувањето на даноците, но исто така факт е дека тогаш се воведоа многу таканаречени парафискални давачки за такви, лиценци, сертификати, дозволи?

АРСОВСКА: Во однос на тоа што се владини политики, за мене како претседател на ССК, ставовите секогаш биле конзистентни. Секогаш ќе се поддржи тоа што е добро за стопанството, а секогаш ќе се критикува она што е негативно. Негативностите сме ги истакнувале и тогаш, а ги истакнуваме и сега. Брзото носење закони, немање консултативен процес којшто е транспарентен и јавен и користењето на европското знаменце во сите процеси за да се искористи можноста брзо да се донесат регулативите, кои и понатаму тешко се имплементираат, за нас во приватниот сектор била една од критиките и за претходната, но и за оваа влада. Она што е квалитетно секако дека треба да се пофали, а во голем дел од квалитетните политики ние сме учествувале и сме дале свој придонес. Тоа се однесува и на претходната, но и на оваа власт.

Разговараше: Фросина Факова-Серафиновиќ

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости