Делков ги укина, Стојанов ги врати субвенциите за новороденчиња во Неготино!

by fokus

За секое новородено дете во Неготино, општината ќе исплаќа надомест од 7.000 денари, потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов.

Субвенциите за новороденчиња беа дел од неговата предизборна кампања, и тој информира дека советниците во општинскиот Совет на седница ја усвоиле одлуката за исплаќање на еднократен паричен надоместок за секое новородено дете во Општина Неготино, а исплатата ќе се врши со средства од општинскиот буџет.

Во Неготино за прв пат беа воведени субвенциите за новороденчиња во 2013 година. Тогашниот градоначалник Ванчо Апостолов воведе субвенции за новороденчиња во износ од 7.000 денари за прво и второ, и 14.000 денари за трето родено бебе, и порача дека оваа мерка доаѓа како еден вид на компензација поради затвореното породилно во градот, поради што трудниците пред раѓање се носат во кавадаречката болница, но и како еден вид на поттик за зголемување на наталитетот.

Но, кога на функцијата градоначалник на Општина Неготино дојде Тони Делков, пред четири години, ги укина субвенциите, појаснувајќи дека причина за тоа се долговите и тешката финансиска состојба која ја затекнал во општината.

Реакциите на граѓаните поради враќањето на субвенциите за секое новородено дете во општината се позитивни. Сепак останува актуелно нивното прашање, дали во Неготино повторно ќе се раѓаат бебиња, односно ќе профункционира ли некогаш одделението за гинекологија и акушерство, кое веќе 14 години е затворено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости