Првиот човек на Независниот полициски синдикат Гоце Делчев-Тодев вели дека во Министерството за внатрешни работи владее хаос. Според него, многумина вработени практично не си ги знаат работните позиции.
-Она што се случува во Министерството за внатрешни работи, а што го гледаат и вработените и граѓаните не е својствено за демократска држава и нема да биде добро ако се продолжи со овој систем на функционирање, бидејќи бројни решенија кои беа издадени од минатиот министер, па се направија нови решенија од техничкиот министер, па се вратија на повторно разгледување на второстепена, првостепена по судови, веќе не знаеме во полицијата кои решенија како завршиле и до каде имаат дојдено – рече Делчев-Тодев.
Според него, 89 решенија биле вратени со одлука на второстепена комисија од минатата недела.
– Она што јас го имам како податок врз база на пристигнати бројки од делот на работници во полицијата, а се членови на Синдикатот се околу 47. Мора врз база на вистинити и реални бројки и факти да бидат спроведени понатаму процесите за мирно разрешување на проблемот кој на кое работно место е, многу е едноставна работата, не може двајца да бидат на едно работно место – вели Делчев-Тодев.
Тој упати апел до техничкиот министер, заменик-министерот и до техничкиот премиер да се договорат меѓусебе за да се надминат овие прашања.