Дел од заболените од карцином на кои им е потребен скен на коски цел месец не можат да се оперираат, бидејќи во државата го нема реагенсот кој е потребен за скен на коските. Најголем дел од пациентите треба да се оперираат што поскоро, но не можат да подлегнат на оперативен зафат без прво да биде направен овој скен.
Еден граѓанин од Скопје, чиј татко е заболен од карцином на простата за „Фокус“ вели дека уште пред еден месец им кажале дека не може да направат скен на коски, бидејќи го немаат реагенсот.
-Татко ми има карцином и треба да се оперира што е можно побрзо. Но, пред да се направи операцијата докторите бараат и велат дека е неопходно прво да се направи скен на коски. А, скенот не може да се направи бидејќи никаде ги нема тие реагенси, ниту во држвните болници, ниту во приватните. И од Одделот за патофизиологија и од приватната болница ни рекоа дека не можат да добијат такви реагенси, бидејќи поради корона вирусот такви пратки не можеле да стигнат. Прашањето е како се функционира за вакви случаи, а не можат да набават реагенси. Има многу луѓе што ги враќаат, не е само татко ми.
-Реагенсот се продизведуваше во ПЕТ Центарот, меѓутоа во овој период се направи редовен годишен сервис и затоа беше во застој работата. Во приватните болници нема реагенси заради што се затворени аеродромите, а овој реагенс може да се транспортира само по воздушен пат, поради краткиот период на дејство. Не може да се носи по друг пат. Од понеделник целосно е ставен во функција ПЕТ Центарот, и дијагностика и производство на реагенси, вели Филипче.
Конкретен одговор кога реагенсот ќе стигне до болниците и до пациентите на кој им е неоходен нема. Останува прашањето како било направено планирањето и се дозволило ПЕТ Центарот да прави годишен сервис во период кога поради затворените аеродроми реагенсот не може да се увезе, а заболените од рак ќе бидат оставени да чекаат со месеци.
Катерина Смилева