Родителите на средношколците, што ја бојкотираат наставата во повеќе скопски гимназии, вчера биле викани на итен состанок со директорите на неколку училишта, наводно да се најде начин, за да се реши проблемот. Но, наместо тоа, како што информираа, тие добивале закани за парични казни, ако нивните деца продолжат со бојкотот на наставата.
Средношколците почнаа со протести и со бојкот на наставата, револтирани од игнорантскиот однос на министерот за образование Абдулаќим Адеми, со кого веќе подолг период бараат средба за да му објаснат со какви проблеми се соочуваат и дека математиката не смее да се стави како трет задолжителен предмет за екстерно тестирање. Се почна од математиката, а продолжи со сите лоши реформи во средното образование.
Дел од средношколците вчера почнаа со бојкот на наставата. Според нив, бојкотот на наставата е само логично продолжение на нивното сериозно делување, кое велат го покажале преку нивните аргументирани барања доставени до ресорното министерство. Тие нагласуваат дека нивната подадена рака за преговори првите луѓе на министерството двапати ја одбиле, па оттука треба да очекуваат дека реалните проблеми овој пат ќе излезат на виделина. Радикализација на протестите најавуваат и средношколците во другите градови во Македонија.
-Средношколскиот пленум уште еднаш јавно ќе испрати порака до МОН да ги разгледа нашите барања и да ја прифати средбата со претставници од Средношколскиот пленум. Колку повеќе се одолговлекува оваа средба од страна на министерството, толку повеќе се зголемува незадоволството кај средношколците. Министерот има должност да ги сослушаат средношколците и Средношколскиот пленум. Остварувањето на средба е неопоходно за да може да се постигне некаков договор – пред неколку денови нагласија од Средношколскиот пленум.
Додека илјадници средношколци протестираа на скопските улици, првиот човек во ресорното министерство Адеми се сретна со преставници на Унијата на средношколци, кои имаат неактивен статус дури од 2013 година. Тие пред неколку дена излегоа и јавно ги нападнаа средношколците што протестираат дека се политички мотивирани.
– Упатуваме апел до соучениците, не наседнувајте на манипулации затоа што за неодење на настава, бојкот на образовниот процес, небезбедно патување во автобуси, без знаење и дозвола на родители, последиците ќе ги сносите директно вие, а не оние кои се кријат зад вас. А на нив, им порачуваме – тргнете ги рацете од средношколците. За политиката нема место во нашите училници – истакна пред неколку денови Тамара Василева.
Средношколскиот пленум досега организираше два протести, а на скопскјите улици излегоа околу 4.000 средношколци. Протести беа организирани и во другите градови низ земјава.