Најголемиот дел од пратениците обвинети во предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство, предмети кои сега се во надлежност на редовното Обвинителство или не гласале за Законот за јавно обвинителство или не биле присутни, освен пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими кој гласал „за“ Законот и лидер на ДПА, Мендух Тачи.
Пратеничката Даниела Рангелова која е обвинета во случајот „Шамарите во општина Центар“ и пратеникот Илија Димовски обвинет во случајот „Титаник“ не гласале за законот, а ниту „за“, ниту „против“, не стиснал и пратеникот Антонијо Милошоски за кого беше отврена истрага за случајот „Моќник“.
Пратеничката Елизабета Канческа – Милевска обвинета во „Тендери“ воопшто не беше присутна седницата иако нејзините колеги од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа законот и гласаа „за“.
За разлика од нив пратеникот Ејуп Алими на кој му се суди во случајот „Титаник 3“ го поддржа законот, а „за“ гласаше и лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој е неправосилно осуден во „Титаник 2“.
Новото законско решение предвидува „бомбите“ да се користат само како индиции во истрагите отворени по 30 јуни 2017 година, додека за предистрагите да не бидат ниту индиции.
Законот беше изгласан откако првото гласање за кое гласаа 74 пратеници „за“ и 32 „против“ беше поништено, па потоа се обезбедија 80 гласови.
При првичното гласање не беше регистриран гласот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми, пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, Самка Ибраимовски, Амди Бајрам и пратеничката од ДПА, Мерал Ферати-Узеирим која првиќчно била регистрирана дека не е присутна.
Фросина Факова-Серафиновиќ