Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во гостувањето на телевизија Канал 5, нагласи дека една третина од пријавните попишувачи веќе биле вакцинирани, а половина од останатите, рече дека би се вакцинирале, доколку им биде организирана вакцинација. Ова значи дека нема сите попишувачи да бидат вакцинирани.
-Уште три дена имаме за пријавување и пријавувањето на нови кандидати, оди доста интензивно. За овој краток период имаме над 1.250 пријавени нови кандидати. На новото тестирање, кое ќе биде објавено, ќе имаат право да учествуваат и тие што биле пријавени на претходниот конкурс, а не дошле на тестирање од која било причина. Очекувам дека ќе имаме доволен број кандидати, изјави Симовски.
За методологијата, Симовски рече, дека таа е целосно прифатена од Евростат, кои излегле со изјава дека нашата методологија е комплетно усогласена со стандардите на Евростат и ОН.
Во однос на можноста за бојкот, Симовски нагласи, дека пописот не е само право, туку и законска обврска на сите граѓани.
-Ако некој одбие да биде попишан, а сите протоколи се испочитувани, тогаш ќе сноси последици. Законот предвидува прекршочна одговорност и тука нема пардон за никого, рече Симовски.
За тоа дали граѓаните од Авганистан, кои треба да пристигнат во земјава, ќе бидат попишани и ќе влезат во статистиката, Симовски рече не и нагласи дека има посебен протокол за азиланти и бегалци.