Повеќе од 1.700 лекари од Македонија, Албанија, Србија и Косово заминале да работат во странство, покажува последното истражување на „Хелтгрупер“, а како најатрактивни дестинации за работа лекарите ги избираат Германија и Канада. Ваквите бројки станаа алармантни во последните неколку години, откако дел од лекарите незадоволни од малите плати, катастрофалните услови за работа и лошиот однос на властите кон нив одлучуваат да ги спакуваат куферите и борбата за подобар живот да ја побараат надвор од границите на државата.
Најбрзо, таква одлука носат младите лекари кои штотуку ги завршиле студиите или, пак оние кои со години чекаат вработување, а како што велат немаат партиска книшка, ниту пак роднински врски за да успеат да тргнат побрзо на работа. Од тоа што може да се забележи, во последниот период најмногу во тренд е изучувањето на германскиот јазик, па странските училишта за јазици се преполни со млади доктори кои одат на интензивен курс по германски.
Истражувањата на „Хелтгрупер“ покажуваат дека лекарите најчесто ја напуштаат државата поради политички, економски, професионални и социјални фактори кои влијаат врз здравствениот персонал да се пресели од матичните земји. Дури 80 отсто од лекарите укажеле дека повисоките приходи се клучната причина за барање работа надвор од земјава.
Доктор Ангелчо Андоновски вели дека бројката на бели мантили кои заминале на работа во странски земји е алармантна, а според него главните причини за тоа се економскиот колапс, деградацијата на фелата, партизацијата и несоодветното носење на дегенерички закони во здравството со што довело до тоа луѓето кои што со години се едуцирале и сакале да помагаат за здрава популација, доживеале тотално разочарување.
– Фактот дека бесцелно се употребени средства за несоодветно моментално екипирање, а не дооедукација и подигање на кадарот кој што вреди доведе до тоа лекарите да се одлучат на чекор да заминат некаде “надвор“, каде постои соодветна средина и простор за правилно и Хипократово работење. Партизацијата е баш тој момент, кој што е неминовен во вакви случаеви. Нивните „деца“се новите кадри кои се примаат по препорака на нивните унии и кадровски сектори, а сето тоа се, за жал луѓе без искуство, луѓе кои ниту еден ден немаат поминато во здравствена установа и веднаш од самите клупи се внесени да ординираат – тврди доктор Андоновски.
Тој додава дека никој не сака да го согледа показателот дека тие години означуваат несоодветно лекување на народот, со што се остава простор за појава на сите несакани здравствени проблеми, дури и за поколенија.
– Постигнато е системско уништување на државните здравствени институции на сметка на „приватните“ партиски “ здравствени установи. Тоа е огромен проблем, кој се затскрива цела деценија. Се разбира дека за оваа моментално …децениско“ лудило има решение, има и нов наплив на идеи за решавање на овој голем проблем, но сепак не со овие структури кои видовме дека посакуваат уништување на се што вреди и заслужува да твори и работи за доброто на татковината. Сепак, постои иднина за Чуварите на здравата иднината на Македонија, но не по овој начин – тврди доктор Андоновски.
Владимир Лазаревиќ од Хелтгрупер вели дека она што е специфично за нивното истражување е влијанието на политичките состојби во државите.
– Токму, разочарувањето помеѓу младите лекари и недовербата во политичкиот систем, ги тера да си ја бараат својата иднина надвор од матичните држави. Овој тренд на незадоволство од политичките состојби во државата е карактеристика во сите четири земји каде е направено истражувањето и покажува загрижувачки размери.Искрено да ви кажам, на презентацијата на нашите резултати од истражувањето дискусијата која се одвиваше токму го покрена ова прашање. А тоа е, дека не треба само да не загрижува тоа кој си заминува од Македонија, туку уште повеќе кој тоа ќе остане во Македонија. И да, точно е дека многу од лекарите кои учествувале во нашето истражување токму потребата да ја покажат својата партиска припадност било причина да се одлучат и својата кариера да ја продолжат во странство. Но, квалитетот на новите кадри кои се школуваат во трите медицински факултети, и најавата за нов четврт медицински фактултет е навистина загрижувачки. Повеќе од професорите, како и самите студнети сметаат дека квалитетот на образованието рапидно опаѓа, и тоа дефинивно ја влошува состојбата во нашиот здравствен систем – додава Лазаревиќ.