Делови од Крушево веќе изминатите неколку дена по пет до седум часа се без вода, што наиде на револт кај граѓаните од ова место. Разочарувањето е големо, што овој проблем е повеќегодишен и истиот често се случува во текот на летото, пред празникот Илинден.
„Ништо ново, ова веќе се случува секој ден. Прво ја запираат водата, па потоа пуштаат соопштенија дека нема да има, иста песна секое лето. Вака не се гради туризам“, реагираат крушевчани.
Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски за „Фокус“ само кратко порача дека не сака да го политизира овој проблем и побара разбирање од своите сограѓани.
Од друга страна, директорката на ЈП Комуна-Крушево, Станка Ефремова Трајкоска вети дека од вечерва граѓаните на градот ќе имаат вода.
„Проблемот е со напојувањето на електричната енергија во село Норово. Проблемот ќе биде решен и уште од вечерва граѓаните од тие делови на градот ќе имаат вода. Ова е повеќедецениски проблем што претходно не успеал да се реши. Лошо е што секоја втора куќа има див приклучок за вода“, истакна Трајкоска за „Фокус“.
Исто така, пред две години граѓаните од одредени делови од Крушево беа оставени цели четири денови без водоснабдување откако се појави дефект во моторот за пумпите.
Јорданчо Цветаноски