Ковид-пациенти врзуваат за кревет за да не се повредат

Дваесет проценти од пациентите развиваат тешка клиничка слика, која може да доведе до дезориентирано и агресивно однесување.

by Fokus

Седумдесетгодишен пациент заразен од ковид 19 пред десетина месеци се фрли од прозорец во Градската болница „8 септември“, при што почина.

Пациентот бил хоспитализиран само една недела во болницата, со тешка клиничка слика, со ниска сатурација и пневмонија. Според тогашните информации од болницата, тој бил под психијатриски надзор, но никој не можеше да сфати како успеал да се одврзе од креветот и да се фрли.

Ништо поразлична, но доста страшна беше случката кога 75-годишен пациент од Пробиштип, исто така заразен со корона вирус побегна од штипската Модуларна болница. Пациентот после кратко време по бегството, починал на 50 метри од болницата.

Овие два примери се само дел од многубројните случувања во повеќето ковид центри, каде пациентите заразени со опасниот вирус се наоѓаат во состојба на хипоксија, што во превод значи дека имаат многу ниска сатурација или пак народски кажано недостаток на кислород во мозокот и тоа го предзвикува нивното невообичаено однесување.

ШТО ИМ ПРЕДИЗВИКУВА БОЛЕСТА?

Според лекарите со кои разговараше „Фокус“, нормална вредност на кислород се движи од 95 до 97 проценти, додека вредностите помали од 90 проценти укажуваат на ниска сатурација и потреба од медицинска помош.

Слободно може да се каже дека 80 отсто од пациентите со ковид 19 имаат благи симптоми, додека преостанатите 20 проценти развиваат тешка клиничка слика, којашто, според лекарите, може да доведе до дезориентирано и агресивно однесување, кршење на предмети, обиди за самоубиство, како и повреди н напади на другите пациенти присутни во болничката соба.

Баш поради тие причини, овие пациенти, кои под контрола на опасниот вирус можат да си наштетат на самите себе, но и на околината и на болничкиот персонал се фиксираат, поточно се врзуваат за креветите.

Во последниот период доста во јавноста се поставува прашањето – зошто дел од ковид пациентите се врзуваат, а според наши информации имаше и случај кога еден од нив беше префрлен специјално од јавно здравство во приватна болница, каде и што почина со објаснување дека во државниот ковид центар бил врзан за креветот.

„Фокус“ се потруди да поразговара со директорите и со дел од лекарите на повеќето клиники, каде болнички се третираат пациенти заразени со смртоносниот вирус, кои едногласно споделија дека тоа не е класично врзување, туку мора да го спречат пациентот да си наштети и на себеси и на тие околу него.

„Во моментот на клиниката имаме 80 заразени пациенти со ковид. Се случувало да имаме и по десетина, кои со наглото паѓање на сатурацијата стануваат агресивни во однесувањето и во тоа што го прават, поточно самата болест ги тера на тоа.  Од тие причини, тие пациенти ги врзуваме за кревет, со цел да ги спречиме да си наштетат.

 

Многупати се случува да ја тргнат маската за кислород и да отидат сами нив ходикот на болницата и да паднат. Знаете ли што значи ова за пациент со тешка клиничка слика. Може да умре веднаш. Кога ќе се употреби зборот врзување звучи грозно, но ние немаме друг избор. За дел од тие пациенти, ние секогаш консултираме психијатар и се на терапија. Не може еден доктор или една медицинска сестра цело време да седи со еден пациент и да го чува“, објаснува за „Фокус“, директорката на скопската Инфективна клиника, Милена Стефановиќ.

МОРАМЕ ДА ГИ ВРЗЕМЕ ЗА ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ

Со речиси идентичен став како нејзиниот е и директорот на штипската Клиничка болница, доктор Ален Георгиев, кој пак тврди дека кај нив поради ваквата состојба двајца пациенти досега побегнале и еден се фрлил од прозорец, но за среќа не починал.

„Бегствата на пациентите кои што се случија е баш затоа што пациентите кои имаат недостаток на кислород во мозокот се многу често дезориентирени и агресивни. Имаат ниска сатурација и им слабее мозокот. Ние мораме да најдеме начин да ги спречиме да се повредат себеси, да ги поврдат тие околу нив, како и болничкиот персонал.

 

Кога се наоѓаат во таа фаза на хипоксија се случувало да ги бутнат кислородните боци, да се скршат регулаторите, имаат агресивни напади, кршат телефони, се јавуваат на своите блиски и зборуваат се и сешто на телефон. Вчера баш имавме таков случај, пациент со едната нога се прекачил да се фрла. Едвај го спасивме. За тоа е виновна природата на болеста“, доктор Георгиев.

Тој објаснува како пред одреден период, нивни вработен од техничката служба кој бил заразен со ковид и пренесен на лекување во Скопје, секојдневно му се јавувал на телефон и му кажувал како да се средат болниците, како да набават кислород и  тоа се случувало се до моментот, кога поради тешката клиничка состојба починал.

„Ние не смееме да  дозволиме такво нешто. Замислете, во една болничка соба се повеќе пациенти, еден од нив е во лоша состојба и може да ги повреди другите. Ние ги врзуваме за рацете со завои.

 

Ако не го направиме тоа и некој биде повреден, ќе ни се јават од семејството и нормално ќе прашаат дали таму ги лекуваме или дозволуваме да ги малтретираат. А, може да се случи и нешто пострашно. Ние мора да ги заштитиме, а тоа е единствениот начин“, вели директорот на штипската Клиничка болница за „Фокус“.

Инаку, докторите се повеќе укажуваат оти корона вирусот предизвикува сериозни последици врз менталното здравје на пациентите кои се заразени, но и оние кои го прележале вирусот.

Досега во земјата се направени вкупно 1.478.883 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 216.670, бројот на оздравени пациенти е 201.017, на починати е 7.616, а бројот на активни случаи изнесува 8.037.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости