Дел од гевгелиската болница адаптиран за ковид пациенти со полесни симптоми

by Fokus

Пролонгирањето на изградбата на 16-те Ковид центри во земјава, во пресрет на очекуваниот есенски бран, ја натера гевгелиската Општа болница со проширена дејност, да најде алтернативно решение за соодветен третман на инфицирани пациенти со полесна клиничка слика, информираше директорот на болницата, Митко Крџев.

-Го преградивме делот од болницата кој служеше за прием и третман на мигранти и го адаптиравме за ковид пациентите со лесни симптоми кои треба во текот на лечењето да примаат инфузија, а брисови на пациенти кои се суспектни на Ковид-19 и понатаму ќе се земаат во постојниот пункт на ПЕ на центарот за јавно здравје, рече Крџев.

По добивање на резултатите, појасни тој, во овој дел кој ќе функционира како дневна болница, ќе се примаат пациенти со позитивни резултати кои ќе примаат инфузиска и друга соодветна терапија по што ќе си заминуваат дома.

-Адаптираниот дел од болницата има капацитет од шест кревети и во него секој ден од 8 до 20 часот ќе има медицинска сестра која ќе ја следи состојбата, а пациентите секој ден ќе бидат прегледувани од епидемиолог и интернист кои ќе ја следат нивната здравствена состојба, рече Крџев и нагласи дека болните на кои состојбата ќе им се влоши, ќе се испраќаат на лекување во болниците во Скопје или Штип.

Поврзани новости