Добро е што Владата во Бугарија, исто како и ние, сака дискусијата да се води во однос на прашања што не се однесуваат на строго историски прашања, туку на прашања што се свртени кон иднината, нагласи претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски вечерва на прес- конференција на која ги објави предлозите за членови во новиот состав на Владата.
Нормално е, рече тој, да разговараме за проекти што се однесуваат во областа на инфраструктурата, на зголемување на економската соработка, образованието, културата, како и за начинот на кој Република Бугарија, како членка на ЕУ, може да ни помогне во процесот на пристпување кон ЕУ.
Ние имаме јасни позиции, Република Северна Македонија има четири последователни позитивни извештаи за пристапување кон ЕУ и треба, потенцира Ковачевски, да ни биде доделен датум за одржување на првата меѓувладина конференција.
– Во однос на нашите позиции што се утврдени во Парламентот, македонскиот јазик, македонскиот идентитет се нашите црвени линии, бидејќи ние сме Македонци кои живеат во Република Северна Македонија, рече на прес-конференцијата Ковачевски.
На новинарско прашање како очекува да се постигне напредок кога на денешниот Советот за безбедност во Бугарија се потврдени цврсти позиции дека нема да отстапат од ветото доколку не бидат исполнети нивните пет плус едно барање, Ковачевски повтори дека е добро доколку се разговара за прашања што се свртени кон иднината. Според него, тоа е број еден, бидејќи на тој начин може да се врати довербата, прво помеѓу двете влади и довербата помеѓу граѓаните на двете држави.