Ковачевски: Нема да има недопирливи, секој ќе одговара

by Фокус

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, освен што официјално ги објави имињата на кандидатите за членови на идната влада, се осврна и на новата владина програма. Тој истакна дека примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на енергетска криза која, како што посочи, се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од ковид-пандемијата.

-Веќе имаме подготвен план. Подговуваме сет на мерки кои ќе значат директната поддршка за граѓаните и стопанството, ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните но и помош за компаниите. Во буџетот веќе има резервирани 130 милиони евра, а правиме анализи за алокација или обезбедување на повеќе средства – рече Ковачевски.

Тој додаде дека оваа Влада има можност во следните 2,5 години континуирано и без изборни циклуси да се посвети целосно на економијата и квалитетот на живот.

-Со посветена работа и вистински економски политики очекувам континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Најавувам драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании – рече Ковачевски.

Понатаму, тој посочи дека ќе биде ставен фокус и на намалување на невработеноста, која, според него, до крајот на мандатот за првпат ќе биде едноцифрена.

-Со добрите економски политики и антикризни мерки веќе спасивме 60.000 работни места во пандемијата. Ќе продолжиме со зголемувањето на платите и пензиите. Просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте – порача Ковачевски.

Тој увери дека нема да има зголемување на даноците, но ќе се воведе поголема ефикасност и силна борба против сивата економија.

-Најавувам градежна експанзија во делот на инфраструктурата. За 2,5 години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта. Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава… – рече Ковачевски.

Идната влада, како што истакна, ќе биде посветени на бескромпромисна војна против криминалот и корпуцијата, порачувајќи дека нема да има недопирливи и секој ќе одговара.

Поврзани новости