Деканката на Филолошки: И покрај слабите бројки, вреди да се биде професор по македонски јазик!

Слабиот интерес за изучување на македонски јазик е долгогодишен

by Fokus

Големи главоболки зададе првиот уписен рок за Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ оваа студиска година.

Според деканката на овој факултет, Анета Дучевска, на двете студиски групи има вкупно 160 слободни места за трите уписни рока, во трите категории државна квота, приватна квота, и вонредни студенти. Сите квоти се дадени во јавниот конкурс, објавен во јавните гласила, како и на соодветните веб-страници.

Од тие слободни места, во првиот уписен рок се запишале само 16 студенти, што ја загрижи целата македонска јавност.

Дучевска во интервју за „Фокус“ говореше за проблемите со кои се соочува оваа катедра, потенцирајќи дека нејзиното постоење не е доведено под знак прашалник.

„Состојбите, проблемите и околностите во кои се наоѓа професијата просветен работник бараат многу поопфатни анализи, отколку само бројката на запишани студенти на определена студиска група.

 

Воопшто, самата уписна политика, следењето тенденции во демографските и професионалните статистички податоци од година во година, држењето чекор со европските/светските образовни политики и насоки, и сл. – се варијабли што директно влијаат на реалните состојби и ако не се адресираат на време и сериозно, доведуваат до вакви неурамнотежени позиции на она што мислиме дека треба и она што е“. смета нашата соговорничка.

Според неа, овој проблем со слабиот интерес за изучување на македонскиот јазик и книжевност е долгогодишен проблем во Македонија.

„Има многу различни фактори што влијаат на оваа работа, и ако чинителите на сите фактори не го извршуваат својот дел од задачата, доаѓа до дисбаланс. Со други зборови, потребна е далеку поголема посветеност и работа за да стигнеме до посакуваната состојба. Инаку, оваа неурамнотеженост се провлекува наназад низ годините/децениите“, додава таа.

Така се поставува прашањето, вреди ли да се биде професор по македонски јазик во Македонија со оглед се бројот на луѓето кои завршиле на оваа насока е голем, а бројот на луѓето кои се вработиле според истата е исклучително мал.

„Со сигурност можам да кажам дека не само што вреди, туку е и многу благородно да се биде наставник/професор по која било област. Особено ако тој наставник/професор описменува“, анализија Дучевска..

Катедрата за македонски јазик и книжевност не е доведена во опасност, уверува Дучевска.

„Не гледам некаква опасност во однос на Катедрата, затоа што токму станува збор за трендови. Наназад низ годините сме биле сведоци на исти вакви негативни, (но и на позитивни трендови), кои можеби носеле неспокојство, апатија или нешто слично, но далеку дека се соочуваме со опасности од преживување.

 

Впрочем, катедрите се единици на факултетот, кој е, пак, единица на универзитетот, чиј примарен интерес е високото образование во сите сфери, т.е. научни полиња“, истакна таа.

За крај, во однос на евентуална поврзаност на слабите бројки на запишани студенти со високи критериуми на факултетот, Дучевска вели дека студирањето воопшто, па и на македонскиот јазик и книжевност, опфаќа повеќе сфери.

Строгите или попустливите критериуми, додава таа, се прашање на методологија на наставата, оценувањето, предметната програма, степенот на искуство на наставникот/професорот и слично.

Фото – илустрација, Институт за италијански јазик

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости