Андрулакис: Не заговараа планетите против мене, туку парадржавен механизам

by fokus

Не заговараа планетите против мене, туку парадржавен механизам, што треба да биде изведен пред лицето на правдата. За ова се борам, порача лидерот на ПАСОК – Движење за промена, Никос Андрулакис по средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу во однос на случајот со следењето на неговиот мобилен телефон, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на грчката опозициска партија повтори дека не станува збор за лично прашање, туку прашање поврзано со демократијата и со владеењето на правото.

– Дали е ѓаволска случајност што моето следење од национални причини започнува веднаш штом ја поднесов кандидатурата, а националната опасност завршува веднаш штом бев избран за претседател на ПАСОК? Но, ако како европратеник бев национална опасност, како претседател ќе бев уште поголема. Дали е ѓаволска случајност што временската разлика меѓу следењето од Националната служба за разузнавање и обидот со „Предатор“ е неколку дена?, рече Андрулакис, по завршувањето на средбата со Сакеларопулу.

На почетокот на средбата пак, на грчката претседателка ѝ рече дека случајот со прислушувањето „мора да се затвори без да остави било каква сенка во политичкиот систем, а тоа е пред сè одговорност на Владата“.

Сакеларопулу го повтори нејзиниот став дека е потребно итно и целосно расчистување на случајот, објасни дека е целосно свесена за границите на нејзината функција согласно со принципот на поделба на власта и дека надлежни се Парламентот и истражната комисија, како и судството.

– Случајот веќе е пред надлежните органи и желба на сите нас е да се заврши, а истрагата што поскоро да вроди со плод. Било какво продолжување на ова нерешено прашање е штетно за нашата демократија, рече грчката претседателка на почетокот на средбата со Андрулакис.

Поврзани новости