На 10 декември, во хотел „Скопје Мериот“ ќе се оддржи третото издание на „Форумот на добри компании“, настан што ги обединува бизнис заедницата, граѓанскиот и јавниот сектор, институциите, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
„Форумот на добри компании” ги сублимира најприменливите одржливи практики од светот согласно локалниот контекст и потреби, а светско движење за трансформацијата на постоечкиот економски систем е негова главна тема.
Еден од главните говорници на Форумот годинава е Дејвид Грејсон, универзитетски професор, консултант и говорник за одговорен бизнис, корпоративна одржливост, цели и соработка. Автор е на седум книги, и е почесен професор по Корпоративна одговорност на Факултетот за менаџмент на Универзитетот Кранфилд. Има работено со многу водечки глобални бизниси, како и со меѓународни институции, како ОЕЦД, Европската унија и Светската банка.
Грејсон бил дел од одбори на повеќе социјални претпријатија и институции, а во моментов претседава со националната добротворна организација „Carers UK“.
Престижниот „Гардијан“ го именуваше како еден од десетте најдобри светски влијателни личности на твитер – за одржливо лидерство.
Покрај Грејсон, од Холандија во Скопје доаѓа и Румјана Танева, менаџерка за корпоративно вклучување во известување за одржливост, ГРИ индексот, што сега се користи ширум Европа и во светот за мерење на импактот од деловното работење, Тадеј Слапник од Словенија, поранешен државен секретар во Владата на Миро Церар, а сега претседател на „ЕУ блокчеин хаб“, кој ќе говори на тема: блокчеин технологија, како и Кенет Хог, кој ги спроведе најмасивните реформи во блиската историја на шкотската влада.