Регистриран 41 случај со ХИВ во Македонија и тројца починати

by fokus

Четириесет и еден случај со ХИВ се регистирани годинава, а тројца се починати. Најголем број од регистрираните (повеќе од 80 отсто) се на возраст од 20 до 39 години и се од машки пол. Најмладиот регистриран случај е на возраст од 21 година, а најстариот имал 51 година.

Од регистрираните повеќе од половината се од Скопје. Граѓаните треба да се тестираат. Се очекува до крајот на годинава 90 отсто од предвиденото да се оствари во однос на тестирањето, кое е бесплатно, доброволно и доверливо. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерството за здравство во пресрет на 1 Декември, Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје рече дека од 1987 година досега во Македонија се регистрирани 400 случаи од кои 339 (86 отсто) се од машки пол, 54 (14 отсто) од женски пол, а се дијагностицирани 99 смртни случаи. – Во последните 17 години бројот на смртни случаи е намален, иако има тендеција на пораст на бројот на регистрирани случаи. Најголем број од случаите се кај сексуално активната популација на возраст од 20 до 39 години. Во однос на начинот на пренос, најголем број од регистрираните случаи (повеќе од половина) се мажи кои имале секс со мажи, речиси 40 отсто инфекцијата ја добиле преку хетеросексуален контакт, а само 2,5 отсто од случаите се лица кои инјектираат дроги, додаде Микиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека годинава Владата ги презеде финансиските обврски од Глобалниот фонд, кој со години наназад ги финансираше превентивните ХИВ програми. Посочи дека одвоиле 90 милиони денари, направиле договори со бројни граѓански здруженија што ги презеле обврските за спроведување на програмата.

Тој нагласи дека и за следната година обезбедиле буџет од 90 милиони денари, кој ќе се дистрибуира за набавка на антиретровирална терапија на Клиниката за инфективни болести, но и за спроведување на превентивните ХИВ програми. – Очекувањата се дека огромен број инфекции може да бидат спречени и огромен број животи да бидат спасени. Се уште имаме релативно висок процент луѓе кои живеат непрепознаени, а имаат ХИВ вурис. Во таа смисла ги повикуваме сите да направат бесплатни испитувања на Клиниката за инфективни болести што се одвиваат дискретно со цел рано откривање на болеста и ран почеток на лекување со соодветна специфична терапија, рече Филипче.

Поврзани новости