(ДЕФОКУС) Неделата во стихови: Да ни беа политичарите поети…

Извадок од рубриката Неделата во стихови, објавена во новиот број на неделникот Фокус

by fokus

Да беа нашите политичари поети, сигурно ќе даваа понекогаш изјави во стихови со рими. Но, бидејќи сепак тие не се поети, ни останува само да замислиме како би ги објасниле пред јавноста своите (не)дела во периодот од изминатата недела.

*Во секоја од строфите има линкови за сериозната вест од која се инспирирани стиховите.

 

Никола ГРУЕВСКИ на космички теми
Прво ѝ честитам на Владата за Вселенскиот патријарх, за тоа – браво,
а кога сме веќе кај вселената, ме осудиле за „Космос“, и тоа здраво!
За мене девет години, за Миле сал три, оти рушевме од чиста злоба,
Миле ќе лежи, ама јас не, не можете од мене да наплатите ни глоба!

 

Христијан МИЦКОСКИ неглумач на нормализација
Ќе речете лажам, но искрено, со Заев имавме комуникација поарна,
отколку со Таче сега, меѓу нас двајца ко да пукнала бомба нуклеарна!
Затоа, решив да не глумиме нормалност, во Собрание сѐ блокираме,
Владава е за на отпад, дајте предвремени избори да ја рециклираме!

 

Димитар КОВАЧЕСКИ остварувач на чуда
Почнувам да мислам дека сум подобар и од Заев, за тоа докази има,
еве: тој вети, ама јас остварив плата од 500 евра, народот да прима!
А тоа не е сѐ: СПЦ ја призна МПЦ, ко чудо е тоа, и баш во мој мандат,
ех, кој знае уште што ќе постигнев, да не ми дишеше Мицко во врат!

 

Целата рубрика, каде со „нивни“ стихови се застапени уште и Славјанка Петровска, Димитар Апасиев, Данела Арсовска и Фатмир Бесими е објавена во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости