(ДЕФОКУС) Дали после Груевизмот и Заевизмот влегуваме во ерата на Таче(р)изам?

Маргарет Тачер: Ако нешто сакате да биде кажано, повикајте маж. Ако нешто сакате да биде направено, повикајте жена

by fokus

Идниот премиер, Димитар Ковачевски, кого пријателите на прекар го викаат Таче, веднаш по преземањето на власта ќе треба да се справува со голем број крупни проблеми, од типот на инфлацијата и поскапувањата, енергетската криза, справувањето со пандемијата, борбата против корупцијата, преговорите со Бугарија за таа да дозволи земјава да ги почне преговорите со ЕУ, и многу други помалку експонирани теми.

Во поновата британска историја, со крупни предизвици кога започнала да владее се соочила и легендарната премиерка Маргарет Тачер, која сепак успеала до тој степен да остави свој печат врз политичката сцена во Велика Британија што збирот од нејзините принципи, идеи, техники и методи за водење на државата во правецот кој го трасирала го добил името Тачеризам.

Ако Димитар Ковачевски Таче успее да се справи со проблемите кои го чекаат уште од првиот ден по седнувањето во премиерската фотеља, и ако тоа го направи на начин кој ќе биде уникатен и оригинален, за брзо време збирот од неговите принципи, идеи, техники и методи сигурно ќе го нарекува јавноста со терминот Тачеизам.

Но, кои биле основите принципи на Тачеризмот и дали Тачеизмот има потенцијал да биде сличен на нив?

Во економската сфера бил направен сериозен обид да се намали влијанието на државата врз економските текови, и затоа многу дотогашни субвенции, регулативи и форми на контрола на цените и платите биле укинати, а воедно се тргнало и во процес на приватизација на некои големи државни компании од сферата на инфраструктурата.

Шансите Тачеизмот да го копира овој аспект на Тачеризмот се рамни на нула. Дури се најавува и обратен пристап, со давање на субвенции, со проширување на бројот на производи чии цени ќе бидат контролирани од страна на државата, и со воведување на нови регулативи кои ќе бидат дополнителен товар врз компаниите и граѓаните и така ќе го забавуваат економскиот раст.

Во надворешната политика, Маргарет Тачер следела цврст патриотски курс за заштита на интересите на Велика Британија. Нејзината влада соработувала со анти-комунистички режими како оној на Пиноче во Чиле, ги помагала муџахедините кои се бореле во Авганистан против инвазијата на Русија, била најлојален сојузник на САД, упорно ги кочела процесите за поголема евроинтеграција (процес кој после неколку децении кулминираше со Брегзитот во 2016-та), а дури водела и цела една војна со Аргентина кога таа држава пробала да преземе со сила една колонијална територија која била под власта на Велика Британија.

Воедно, проблемите во Северна Ирска ескалирале токму за време на владеењето на Тачер, кога и покрај сите притисоци и дури и терористички напади насочени директно против неа, таа упорно не се откажувала од Северна… Ирска.

Иронично, постојат големи шанси токму во надворешната политика Тачеизмот да се покаже сличен на Тачеризмот, оти ако не се попушти на уцените на Бугарија тоа ќе значи дека се следи цврст патриотски курс кој пак пак ќе ги кочи процесите за наше евроинтегрирање. Лојалното сојузништво кон САД како и поддршката на сите сили кои се против Русија исто така треба да се очекува од новата влада, од која пак не треба да се очекува дека ќе се откаже од Северна… како дел од името на државата.

Тачеризмот во Велика Британија доминираше во последните две децении (од 1979-та до 1997-та година) на дваесетиот век. Колку долго ќе трае и дали воопшто ќе има некаков Тачеизам кај нас, и кои ќе бидат неговите карактеристики и резултати, останува да видиме.

За крај, една од најпознатите изјави на Маргарет Тачер била: „Ако нешто сакате да биде кажано, повикајте маж. Ако нешто сакате да биде направено, повикајте жена“. Ние не можеме да повикаме жена, ама можеме само да замислиме како ќе изгледаше идниот ни премиер да беше премиерка:

Се разбира, поради тоа што Маргарет Тачер сепак била десничарка, не треба да се заборави и на алтернативата:

 

Поврзани новости