Коњски кочии со Дедо Мразовци, наполнети со подароци, денес ги изненадија минувачите на неготинските улици. Весели, распеани, Дедо Мрзовците сепак најмногу ги изненадија децата пред чии врати запреа и им оставија подароци.
Што се крие зад убавата глетка која го привлече вниманието на граѓаните, но и кои се луѓето кои се креја зад оделата на Дедо Мраз, за „Фокус“ појаснува иницијаторот на оваа празнична хумана акција, Петар Балкански, кој без претходна најава ги расположи граѓаните и успеа пријатно да ги изненади децата, носејќи го празничниот дух во Неготино.
Петар е сопственик на популарниот ресторан „Балкански“ кој повеќе од три децении функционира во срцето на градот, а исто така има и коњички клуб.
Појаснува дека во време кога сме опкружени со лоши вести поради пандемијата и живееме во неизвесност, решил да израдува дечиња од градот со скромни подароци. Во идејата веднаш му се приклучил и неговиот пријател, пчеларот Богдан Најдовски, и без многу двоумење ги облекле црвените одела.
-Идејата ни беше во ова време кога околу нас се слушаат само негативни вести, да израдуваме неколку деца во градот со скромни подароци.
Во консултација со основните училишта во Неготино предложени беа семејства со деца од ранливи категории и деца кои постигнале посебни успеси за училиштата.
Сакавме да внесеме малку позитивна енергија во градот и да покажеме дека некогаш не се потребни многу средства, туку повеќе добра волја и труд за да се направи некој среќен. Коњичкиот клуб ги донесе подароците до нивните домови, а истите ги обезбеди ресторанот „Балкански“ – појаснува тој.
И пчеларот Богдан, кој беше во една од двете кочии кои шетаа низ градот, вели дека реакциите на децата, кои не ни очекувале некој да им се појави на врата, а уште помалку тоа да биде Дедо Мраз со подароци, биле бесценети.
-Ние сакавме да ги израдуваме децата, ама тие нас најмногу не усреќија. Да се донесе некому радост, всушност значи ти да добиеш двојно поголема радост. Да се надеваме дека во годината што доаѓа сите ќе бидеме живи и здрави, дека успешните ученици кои добија подароци ќе бидат мотивирани уште повеќе да учат, а дечињата од ранливите категории, на кои исто им поделивме подароци, ќе имаат среќно детство, какво што заслужува секое дете. Нам денес срцата ни се полни, наместо децата да ни заблагодарат, ние им благодариме што ни разбудија прекрасни емоции – ни изјави Најдовски.
Вики Клинчарова