Текстот е објавен на први јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 835
Фокус редовно го проверува официјалниот фејсбук-профил на премиерот Никола Груевски. Таму можете да прочитате секакви пофалби за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ама и по некоја блага критики, со по некој горчлив проблем што ги мачи поддржувачите на Преродбата или на реформите што извојуваа победа.
Веројатно поради фактот што власта конечно го постави Воинот на коњ, поддржувачите на популарниот Грујо својот Пастир деновиве многу често го поистоветуваат со Александар Македонски. Сепак, најчести се коментарите во кои граѓаните го изразуваат задоволството што конечно Македонија има лидер кој е поинаков политичар од сите тие што владееле пред него.
„Верувам во вашето поштење према работата, а верувам дека ќе му помогнете на овој залутан народ барајќи го излезот од оваа криза за кое нешто има виновници уште во почетокот на трансформацијата (н.з. веројатно се мисли на транзицијата)“ – се вели во еден од коментарите на официјалниот профил на Груевски.
Токму оваа реченица многу убаво отсликува како најголем дел од поддржувачите на Груевски го перцепираат како личност, а и како политичар. Тој за нив е чесен и обичен, вреден и транспарентен, човек од народот што не го сака лошиот Бранко и политичар кој за време на викендот сака да се измеша меѓу народот облечен во џемперче и чевли-мокасини. Веројатно токму оваа слика за Груевски е најголемиот проблем на опозицијата, која од човекот што го промовира овој имиџ, слободно можеме да кажеме дека убедливо губи веќе пет изборни циклуси.
И токму на секои нови избори, СДСМ се обидуваше да ја урне таа слика на чесен противник што сеуште ја ужива Груевски, па затоа речиси во секое предизборие ја отвора темата за бројот на становите што ги поседува потесното семејство на премиерот. Поточно кажано, Бранковци редовно се занимаваат со прашањето, колку всушност станови и метри квадратни поседува мајката на премиерот, Надежда Груевска?
ЕМ МАЛИ, ЕМ СКРОМНИ!
Со оглед дека деновите пред избори бевме бомбардирани од секакви информации и меѓусебни обвинувања од двете најголеми партии, не е лошо сега, постизборно да сумираме што беше кажано, а што демантирано на оваа тема. И да, ќе се навратиме и некоја година поназад, кога УЈП повторно го отвори и го затвори фамозното досие „Надежда Груевска“.
Неколку дена пред 5 јуни на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев објави информации според кои семејството на Груевски во периодот од 2000 до 2002 година не поседувало четири станови, како што вели тој, ами биле дури шест!
Тој пресметал дека семејството на Груевски во овој период, додека тој сѐ уште беше министер за финансии, поседувало недвижен имот од 410 метри квадратни!
Георгиев објави дека потесното семејство на премиерот тогаш поседувало два стана на скопската улица Бихаќка, со вкупна површина од 143 м2 , уште толку стана на адреса на Владимир Комаров, со вкупна површина од 124 м2, и еден стан на улицата Васил Ѓоргов, од 86 м2, плус уште еден на непозната адреса од 57 м2!
За становите на Бихаќка пишуваше и Утрински весник, уште пред неколку години, кога и УЈП официјално обелодени дека е затворен случајот за „становите на мајката на Груевски“. Според податоците што тогаш ги објави овој весник, повикувајќи се на информации од Јавното станбено претпријатие, мајката на Груевски има два стана на Бихаќка, кои се наоѓаат во ист влез и на ист кат!
Едниот е двособен со површина од 58 квадрати, а другиот трособен од 85 м2 или заедно вкупно 143 квадрати, површината што ја објави и СДСМ.
Интересно за овие два стана е тоа што и двата се од Јавното станбено претпријатие и дека и за двата договорите биле склучени на 9 август 2001 година, еден ден по масакрот на Карпалак каде што загинаа осуммина македонски војници!
Овој текст на Утрински весник е препорачан токму од Управата за јавни приходи на нивната веб-страница на местото каде што се објавуваат изјави кои ги дал директорот на УЈП, Горан Трајковски, за медиумите. Затоа претпоставуваме дека е точно сѐ што е објавено во написот како информација што доаѓа од Управата.
Токму во овој текст, Трајковски за Утрински уште во 2008 година објаснил дека мајката на Груевски поседувала два стана на Бихаќка, и тоа и двата имале, цитираме: „Скромна квадратура“. Три години подоцна за површината на овие станови многу слично се изјаснува и ВМРО-ДПМНЕ во соопштението испровоцирано од пресот на Гордан Георгиев.
Имено, тие во прес-рилисот, кој сѐ уште може да се најде на нивната веб-страна, велат дека мајката на премиерот поседувала, внимавајте, два мали стана купени на кредит, од кои едниот сѐ уште го отплаќа,!
Не е јасно, зошто Груевци секогаш кога е во прашање површината на овие станови инсистираат да употребуваат квалификации од типот – „скромна квадратура“ и „мали станови“!?
Во текстот на Утрински, чиј интернет линк можете да го најдете на веб-страната на УЈП, пишува дека становите на Бихаќка ги купила Надежда Груевска од Јавното претпријатие и притоа уплатила учество од 30 отсто, додека кредитот го отплаќал таткото на премиерот Тало Груевски. Учеството било платено од стара девизна заштеда уште во времето пред Груевски да стане прв човек во владата.
Горан Трајковски, пак, тогаш објаснувал дека пред да дојде тој во Управата, предметот за становите му бил доделен на човек кој тогаш бил пред пензија и којшто немал соодветно образование да води предмет за потеклото на имотот на семејството на тогашниот премиер. Така некако се затвори овој случај!
СУДСКА ОДБРАНА НА ПРЕМИЕРСКИОТ ИМИЏ
Уште малку ќе се задржиме на текстот на Утрински, кој како што веќе неколкупати напишавме е промовиран токму на страната на УЈП.
Таму јасно се вели дека семејството на Груевски има два стана и никаде не се спомнува станот на улицата Васил Ѓоргов за којшто говореше Гордан Георгиев на неодамнешниот прес. Дополнително, дека овој стан навистина е во сопственост на мајката на премиерот признаваат и во ВМРО-ДПМНЕ во нивната реакција по повод излагањето на сдсмовскиот потпретседател во која се вели дека станот на оваа улица Груевска го има уште од 1986 година, и има површина од 86 метри квадратни.
Интересно е дека во истото соопштение, ВМРО-ДПМНЕ ни кажува колку квадрати е станот во населба Капиштец купен пред 25 години, но не се прецизни за квадратурата на становите кои се наоѓаат во близина на седиштето на СДСМ и се купени во крвавата 2001 година!?
Според СДСМ, Груевски во 2002 година како нов пратеник во Собранието не пријавил никаков недвижен имот, иако тогашната адреса на Груевски се наоѓала на станот на Васил Ѓоргов во Капиштец и бидејќи живеел со мајка му морал да го пријави целиот имот на Груевска.
Новинарите убаво помнат дека премиерот гласаше токму во Домот за деца без родители „11 Октомври“ којшто е сместен на оваа улица. На интернет може да се најдат податоци дека Груевски во 2004 гласал таму, но на последните избори тој своето граѓанско право го остварил во школото „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода, кое се наоѓа близу до улицата Бихаќка. Од тоа, пак, може да се заклучи дека тој ја сменил адресата на живеење!
Нешто слично на оваа тема зборуваше и поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева, во последното интервју за нашиот неделник.
„Утврдивме дека непосредно, кога зборувам непосредно значи станува за денови пред да дојде на власт, Никола Груевски ја менува адресата на живеење. Значи, тој не живее на иста адреса со Надежда Груевска. Зошто е ова битно? Во законот пишува – Функционерите и лицата што живеат со нив во семејно домаќинство. Со самото тоа дека тие не живеат во семејно домаќинство, Надежда Груевска не може да биде третирана од страна на Антикорупциската комисија“ изјави Тасева за Фокус во февруари годинава.
Понатаму во интервјуто, Тасева се прашува зошто УЈП во времето на СДСМ не презела ништо да се расчисти овој случај и претпоставува дека тогаш се случил партиски дил.
Не беше СДСМ единствениот, кој во предизборието се занимаваше со имотот на фамилијата Груевски. Имено, за тоа се интересираше и Љубе Бошкоски, кој на една од неговите прес-конференции се посомнева оти мајката на премиерот е сопственик на стан и во Прага. Тој праша, дали Надежда Груева, која била евидентирана како сопственик на стан во елитен кварт во Прага, е истата Надежда Груевска, позната како мајка на Никола Груевски? Исто така, Бошкоски изјави дека станот по некоја случајност е купен од фирмата на човекот кој му е партнер на Сашо Мијалков (н.з. братучедот на Груевски) во повеќе фирми во главниот град на Чешка!
За ова тврдење, Груевски го тужеше Бошкоски и го доби спорот на суд, со што лидерот на Обединети за Македонија, на премиерот треба да му плати обесштетување во вредност од 20.000 евра. А, како што тврдеше Бошкоски, тој за пресудата прв пат чул на предизборното гостување на Груевски кај Јанко Илковски во емисијата „Јади бурек“!!!
Но, по се изгледа дека сите што нешто јавно обелодениле за имотот на фамилијата на Груевски ќе мора да се појават на суд. Па, така, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, после пресовите на Гордан Георгиев и неговата заменичка во сдсмовскиот штаб, Калинка Габер, најави оти и двајцата ќе добијат тужби за клеветите што ги изнеле во јавноста!
СТАНОВИ И ЗА НАЈБЛИСКИТЕ СОРАБОТНИЦИ
Најверојатно поради фактот дека Антонио Милошоски и Јани Макрадули на изборите се судрија во петтата изборна единица, пратеникот од СДСМ неколкупати зборуваше за имотот на министерот за надворешни и за членовите на неговото пошироко семејство.
Така, уште пред изборите, Макрадули обвини дека не само мајката на Груевски, ами и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во 2001 година и претходната година стекнал два стана кои претходно биле во сопственост на државата.
Според Макрадули, тогашниот портпарол на владата во март 2000 година поднел барање за доделување државен стан, а потоа станот по три месеци преминал во негова сопственост. Се работи за недвижен имот на улица Кузман Јосифовски-Питу но СДСМ тогаш обвини дека по осум месеци Милошоски стекнал уште еден државен стан, и тоа на Васил Ѓоргов, на улицата на која, според ВМРО-ДПМНЕ, мајката на Груевски имала стан уште од 1985 година.
„Милошоски си го реновирал станот, но сметал дека тоа треба да го покријат граѓаните. Затоа бесрамно побарал поради реновирањето да му се намали цената на станот. Тогашниот директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, неговиот сограѓанин Илија Китановски, му го прифатил барањето да му се намали цената на станот“ изјави во април годинава Макрадули.
Но, СДСМ не остана на ова обвинување. Макрадули за време на изборната кампања повторно го прозва Милошоски и соопшти дека таткото на неговата сопруга изградил две куќи во медитерански стил на површина од повеќе од 1.100 метри квадратни во елитната скопска населба Бардовци.
Макрадули се запраша, дали законот за легализација на дивоградбите е донесен токму за ваквите куќи и имоти, со оглед дека во изводот за катастарот овие објекти биле заведени како градини. Тој информираше и дека дедото на Милошоски бил графички техничар и живеел во скромна барака. Министерот од Битола, каде што се одвиваше нивната изборна битка, само кратко демантираше и кажа дека она што го поседува го пријавил во имотниот лист!
Уште минатата година, првиот човек на социјалдемократите во Скопје Стевче Јакимовски на прес праша како министрите Јанкулоска и Јанакиески купиле станови за млади брачни парови во иста зграда уште во времето кога ниеден од нив не бил во брак. И двајцата веднаш реагираа, објаснувајќи дека ги купиле становите во 2004 година во времето кога со Јавното станбено управувале СДСМ и го купиле имотот по пазарна цена. Очекувано, и Јанкулоска и Јанакиески најавија дека ќе го тужат Јакимовски за информациите што ги изнел!
Кога сме кај недвижниот имот во 2007 година, треба да спомнеме дека Државниот ревизор откри оти владата на Груевски исплатила 50.000 евра за одржување на недвижниот имот којшто го поседуваат функционери во странство. Оваа одлука на владата ја проблематизираше Уставниот суд, кој сметаше дека со тоа се ставаат во нерамноправна позиција другите функционери, а во медиумите се пишуваше дека еден од луѓето кои добиле ваков надомест е и Зоран Ставрески. Тој во неколку прилики, како и во едно интервју за „Вест“ изричито демантира дека земал вакви пари. Овие шпекулации најверојатно се појавија поради фактот дека министерот за финансии има пријавено стан во близина на Вашингтон во САД, кој го стекнал во времето кога работел за Светска банка!
ДИНКИЌ ГИ ПОКАНИ НОВИНАРИТЕ ВО НОВИОТ СТАН
Со оглед дека опозицијата постојано обвинува, а богами и во јавноста многу се шпекулира во врска со становите на потесното семејство на премиерот, ние можеме да предложиме една идеја, промовирана од еден поранешен српски министер. Имено, сега веќе бившиот потпретседател на српската влада и ексминистер за економија, Млаѓан Динкиќ, за време на последните избори во Србија ги покани новинарите во неговиот стан, за да видат каде живее. Кога го продаде тој стан и уплати нов, Динкиќ испрати соопштение до медиумите во кое детално опиша како и со кои пари го купил новиот стан од 150 квадрати во Нов Белград!
Па, ако може тоа да го направи еден српски вицепремиер, зошто слично да не постапи и еден македонски премиер, кој постојано се удира во градите дека за се дава отчет?! Едноставно, зошто да не ги покани новинарите на Бихаќка, за сите да видат во колку и во колкави станови живее?! Сѐ дотогаш ќе важи народната, за чадот и оганот. И, нормално, се помалубројни ќе бидат оние што веруваат во неговото „поштење према работата“!
Фамилија
СДСМ ГО ВМЕША И БРАТОТ НА ГРУЕВСКИ!
Интересно е дека опозицијата во целата битка околу становите на Груевски го внесе и братот на премиерот, човекот за којшто многу малку се знае во јавноста. Како што соопштија од СДСМ, за Ѓорги Груевски прв пат јавноста слушна откако се отвори Факултетот за дизајн и мебел, каде Груевски бил продекан за финансии. Според податоците на најголемата опозициска партија, братот на Груевски поседувал недвижен имот во зграда на Водно под хотелот Панорама!
За да биде скандалот уште поголем, братот на Груевски имотот во елитната населба го поседува во објектот кој го градела градежна фирма блиска до бизнис-миленичето на фамилијата, Орце Камчев, изјави пред изборите потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев. Нормално, и оваа реакција беше дел од заканувачкиот демант на ВМРО-ДПМНЕ!
Национална платежна картичка
ВИСТА ПРОЦЕСИНГ И СТАНОВИТЕ РОДЕНИ ВО ЕДЕН ДЕН!
Сдсмовците не пропуштаат прилика да кажат дека становите на Бихаќка 3, мајката на премиерот ги уплатила токму на 9 август 2001 година, еден ден по крвавиот настан на Карпалак во кој од заседа загинаа осум војници. Нивната цел е јасна, тие сакаат да кажат дека кога во војната гинеле војници, семејството на тогашниот министер за финансии пазарело недвижен имот. Интересно е дека токму дента кога се случи Карпалак, тогаш е формирана и фирмата Виста Процесинг, компанија во која содружник бил Дејан Дулиќ, синот на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благородна Дулиќ.
Оваа компанија во 2002 година добила бизнис вреден три милиони евра од министерството за финансии, каде шеф беше токму Груевски, а брзо по доаѓањето на власт на СДСМ, фирмата отишла во стечај за подоцна да се реинкарнира под друго име и со други сопственици. Точно, за денес повторно да добива државни тендери!
Виста процесинг всушност набавувала опрема за Националната платежна картичка каде директор беше првиот братучед на Груевски, Владимир Мијалков, кој, пак, денес со Дулиќ работи во Царината!
Комшилук
КОЈ ЖИВЕЕ ВО СТАНОТ БРОЈ 16 НА БИХАЌКА 3?
Според официјалните информации, објавени од УЈП, мајката на Греувски ги поседува становите на адресата Бихаќка број 3, и тоа со број 15 и 17. Интересно е да се дознае, кој всушност живее во истата зграда во станот број 16, кој според некоја логика треба да се наоѓа меѓу двата стана што ги поседува потесното семејство на Премиерот!
Би било интересно, тој човек да проговори, како е да се живее во комшилукот на Груевски и да ни раскаже, какви соседи се премиерот и неговото семејство!
Нормално, ако тој стан е воопшто нечиј и ако воопшто таму некој денес живее!