Дали штипската болница конечно ќе биде изградена во 2023 година?

Договорот за изведба на Кличната болница во Штип е реализиран 31 отсто, одговорија за Фокус од Министерството за здравство, додавајќи дека на објектот работат до 100 работници дневно.

by Fokus

Изградбата на штипската Клиничка болница која опслужува повеќе од 200.000 граѓани во тој регион повторно тапка во место, а последните најави се дека до 2023 година болницата конечно треба да биде изградена. Ваквите информации за „Фокус“ ги потврдија и од Mинистерството за здравство, поточно од проектната единица под чиј надзор е изградбата на клиничката болница.

„Согласно податоците од Проектната единица, евидентирано е дека договорот за изведба на Клиничката болница во Штип е реализиран 31 отсто, а крајниот рок за завршување на целиот објект е 30.06.2023 година.  Исплатени се 11.335.428 евра, а исплатите се извршени на почеток на декември, 2021 година и првата половина од јануари, оваа година“, се наведува во одговорот на ресорното министерство.

Од таму уште информираат дека во моментот на објектот на болницата работат до 100 работници дневно.

„Се работи на поставување челична конструкција, поставување спуштен плафон во објект на линеарен акцелератор, како и завршни работи на фасадата и други технички градежни активности. Од Проектната единица информираат дека надзор е фирмата Евроконсалтинг од Скопје“, продолжува понатаму во одговорот.

Од друга страна, директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Ѓорѓиев во изјава за „Фокус“ тврди дека не знае до каде е изградбата на болницата.

„Знам дека работат нешто, а до каде е не знам. Претходно, неколку пати прашав, но ми кажаа дека тоа не е во наша надлежност и сега до каде е, кога ќе заврши изградбата на истата немам информации“, истакна доктор Ѓорѓиев.

Оваа болница повеќе од шест години ја следат низа скандали. Најавата за нејзина изградба почна уште додека на министерското столче седеше Никола Тодоров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, тој на голема врата ја најави изградбата на болницата, која требаше да се протега на површина од 34.000 квадратни метри, а бизнис-зделката тежеше околу 30 милиони евра. Првичната најава беше дека целосната инвестиција требаше да биде готова до 2018 година.

„Проект за изградба на нова најквалитетна, најсофистицирана, најмодерна клиничка болница ќе се гради во Штип, која воедно ќе биде современа здравствена установа за повеќе од 200.000 граѓани во тој регион“, тврдеше во тој период Тодоров.

Ова беше четврта најава само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на оваа болница, а дотогаш беа удрени и неколку камен-темелници. Поминаа повеќе од шест години, а граѓаните од источниот и југоисточниот регион во земјава продолжија да се лекуваат во зграда, која датира од 1937 година во супстандардни услови, што за време на корона-кризата уште толку си го покажа своето грдо лице.

На министерското столче седна и екс министерот Венко Филипче, кој, пак, најави дека штипската Клиничка болница ќе биде изградена и пуштена во употреба до средината на 2020 година. Рокот повторно е пробиен, а сега работите уште повеќе ги кочи опасниот ковид-19.

Ирена Мулачка

Поврзани новости