По обидот на Основниот суд Скопје 1 да ги „минира“ бомбите на Зоран Заев, односно снимките од незаконско прислушуваните разговори да ги отфрли како докази, бидејќи според нив биле незаконски, уште еднаш се зацврсти потребата од специјален обвинител. Еве што на оваа тема вели искусниот адвокат Звонко Давидовиќ, кој дава и општа оценка за состојбата во македонското правосудство.
ФОКУС: Дали освен потребата од специјален обвинител, кој првенствено треба да се зафати со расчистување на аферата со прислушувањето, ни е потребен и специјален суд, бидејќи покрај обвинителството и судот е под притисок на извршната власт?
ДАВИДОВИЌ: Освен потребата за специјален јавен обвинител која нужно се наметна не само поради објавените прислушувани разговори, односно бомби, туку и поради комплетната деградација на судскиот и правосудниот систем, потребен е и специјален суд. Во повеќе наврати објаснував како сето тоа се одвиваше во текот на изминатите години со мали ситни, а потоа и со се покрупни измени во надлежноста на судовите, токму поради нивната неспособност и несакање реално да ги согледаат проблемите и да се справат со нив. Прво го изгубија делот на извршувањето на своите одлуки што е еден од основните атрибути на власта, а судството од секогаш се прокламирало како трета власт. Неспроведувањето на своите донесени одлуки во живот, односно правораздавањето спроведено во живот, беше само прв сигнал на ерозија на судството.
ФОКУС: Дали би ја прифатиле улогата на специјален обвинител и според вас кој би можел најдобро да ја извршува оваа функција, кандидат од адвокатурата, поранешни јавни обвинители или професори кривичари?
ДАВИДОВИЌ: Со задоволство би ја прифатил улогата на специјален јавен обвинител бидејќи не само поради досегашниот ангажман и стручното усовршување можам да се справам со предизвикот кој ќе му се наметне на специјалниот јавен обвинител, туку сето она што до сега го посочував како проблем во моите јавни излагања и дебати би можел активно и конструктивно да го подобрам. Неспорен факт е дека токму луѓето од праксата, а не од теоријата, најмногу одговараат на профилот на специјалниот јавен обвинител и тоа токму од адвокатурата бидејќи се комплетно независни и неинволвирани во досегашните матни случувања во судството.
ФОКУС: Дали покрај специјалниот обвинител ни е потребна и добра „чистка“ во обвинителството и судството, бидејќи за судбината на обичните граѓани и понатаму ќе одлучуваат обвинители и судии, кои од разговори објавени со бомбите, имавме прилика да слушнеме како дошле на функцијата?
ДАВИДОВИЌ: Покрај ова, само луѓе кои не се инволвирани во досегашните случувања и кадровските местенки ќе имаат сила и храброст да се зафатат со решавање на големите натрупани проблеми без да имаат багаж и долгови за враќање. Секој кој ги сфаќа сериозно задачите кои ќе се постават пред специјалниот јавен обвинител не може а да не има во предвид дека решавањето на предметите со бомбите и „Пуч“ неминовно ќе предизвика задирање и во многу области од општествениот живот и тоа како во судството и правосудството, така и во стопанската и економската област на земјата и во скоро сите други сегменти.
ФОКУС: Деноиве се кршат копјата околу тоа дали снимките од незаконски прислушуваните разговори можат да се искористат како доказ во судска постапка. Кој е вашиот став?
ДАВИДОВИЌ: Она што е навистина битно е дали тие разговори се автентични или не, што со едно вештачење многу лесно може да се утврди а понатаму истите можат да бидат појдовна, основа или индиција за сторено кривично дело за кое ќе се прибават докази ако снимката не може да се искористи како доказ. Доказната сила на снимката ќе зависи од секој конкретен случај поединечно, но во секој случај е патоказ кон доказите кои ќе се обезбедат само ако обвинителот сака и знае каде да ги побара. Не постои совршено кривично дело и никој никогаш не успеал да ги сокрие сите докази.
ФОКУС: Вклучен сте во одбраната за случајот „Фаланга 2“, а во моментот случајот е исправен пред Апелација. Во јавноста се шпекулира дека првообвинетиот во „Фаланга 2“, Илчо Бојчевски, е подготвен пред Апелациониот суд да ги сподели сите детали кои му се познати за вмешаноста на високи функционери во борбата со „злато“ и продажбата на артефакти. Дали има вистина во ова шпекулација?
ДАВИДОВИЌ: Вклучен сум во повеќе предмети кои јавноста ги следи со интерес, а меѓу другите и во „Фаланга 2“. Првообвинетиот во „Фаланга 2“ не само што има намера да посочи и укаже на инволвираноста на високите функционери на МВР, туку тоа веќе делумно го стори и при давањето на својата одбрана во текот на првостепената постапка. Предметот е во фаза на жалбена постапка и што ќе реши Апелациониот суд не е извесно затоа што нашето судство во изминатите години не работи според доказите и законот, туку според некои за нас непознати и чудни правила и логика. Токму затоа е и сета критика упатена кон истото.
ФОКУС: Ги застапувавте и обвинетите во случајот „Ореше“, кој со години не може да добие правна завршница. Што прогнозирате како на крајот ќе финишира овој случај, кој во затвор го однесе и новинарот Томислав Кежаровски, за наводно откривање на заштитениот сведок?
ДАВИДОВИЌ: „Ореше“ е пак приказна за себе. Токму на тој предмет судството го покажа своето незнаење, нечесност, неспособност и необјективност. Покрај незнењето воопшто да се справи и да го примени институтот на заштитениот сведок на крај излезе дека заштитениот сведок е присилен да ја даде изјавата од припадниците на МВР кој самиот ги посочи во својот исказ. Сево ова новинарот Томче Кежаровски го посочи уште во 2009 година и укажа на можноста заштитениот сведок да е лажен сведок, што на крај испадна точно, но Кежаровски за истото беше осуден наместо награден. Чудна некоја логика во оваа наша чудесна Македонија.