Давидовиќ: Ослободителната пресуда за случајот „Ореше“ беше очекувана

by fokus

Десет години, во кои беа донесени пет првостепени пресуди и четири на Апелација, е судската математика низ која поминаа обвинетите во случајот „Ореше“. Со последната, петта пресуда, на Велешкиот суд, браќата Љупчо и Ордан Ѓорѓиевски се прогласени за невини, односно судот пресече дека не го убиле 72-годишниот старец од велешкото село Ореше, а според оваа пресуда ослободен од вина е и Ѓоре Петровски, кој беше обвинет за нарачател на убиството.

Адвокатот, Звонко Давидовиќ, вели дека ослободителната пресуда била очекувана, бидејќи уште на стартот тој и неговите клиенти обвинуваа дека станува збор за монтиран случај.

-Со одлуката предметот да се врати на повторно судење, Апелациониот суд даде и напатствија кои мораше да се почитуваат на повтореното судење. За да има осудителна пресуда, мора да има и материјални докази, а во овој случај немаше. Немаше ниту пронајдена ДНК, оружјето никогаш не беше најдено, а браќата кои беа уапсени наредното утро, заедно со уште 30 жители, немаа парафинска ракавица. А, јасно е дека кога некој пукал, на рацете ќе има траги од барут, вели адвокатот Давидовиќ, кој потенцира дека во овој случај морало да се донесе ослободителна пресуда.

Тој додава дека браќата претходно биле осудувани само врз основа на сведочењето на заштитениот сведок, кој пак потоа се откажа од заштитата, и откри дека бил под приотисок на полицијата, па морал да лаже.

Со последната пресуда, браќата беа осудени на 10 години затвор, а Петровски како нарачател беше осуден на 13 години. Сепак оваа пресуда беше укината на Апелација, по што почна повторното судење. Првите две првостепени пресуди исто така беа осудителни, а само третата беше ослободителна, но во тој период се случи и обвинението против новинарот Томислав Кежаровски во случајот „Ликвидација“, бидејќи наводно го открил името на заштитениот сведок во „Ореше“.

В.В.

 

Поврзани новости