Давањето на етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, не може цел бугарски народ да го нарекуваме окупатор, вели Заев по интервјуто

by fokus

Давањето на етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, не може денес цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка, изјави премиерот Зоран Заев по вчерашното интервју за бугарската агенција БГНЕС во кое бугарската окупација на Македонија ја оквалификува како админстрација и исто така рече дека поранешна Југославија ги поделила двата народа, што предизвика жестоки реакции во јавноста.

-Зборувам за историски факти кои можат да ги потврдат сите, а тоа е дека царска Бугарија во 1941 година застанува на страната на тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум, ниту ги прашал каква е нивната определба за да можеме денеска цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. Тоа не е пријателски, тоа не е европски, зарем заборавивме дека и во нашата Македонија и во тогашна Југославија имаше соработници на окупаторите на фашистите, домашни предавници. Тоа не ги прави ниту денешните Германци, Италијанци, Бугари, Јапонци или сл. фашисти. Европа ги реши прашањата на европски начин, време е и Балканот да ги реши прашањата на европски начин ако сака да продлжи кон Европа. Да не заборавиме, но да простиме, треба да обезбедиме иднина, да подадеме рака, рече Заев.

На едно од многубројните новинарски прашања зошто бугарската окупација во интервјуто ја нарече администрација, Заев пак во духот на подавањето рака рече дека тука е прашањето дали ги употребуваме вистинските зборови.

-Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде во Европа и светот. Но, тоа не е причина да кажете дека цел еден народ без разлика кој е, дека е окупатор, затоа велам администрација. Тогашното раководство донело одлука да се приклучи на тој пакт, но денеска да зборувате за фашистичка Бугарија, Германија, за цела една нација, за денешните генерации тоа не е поглед кон иднината. Затоа прашањето е дали ги употребуваме вистинските зборови, рече Заев.

Тој изрази жалење поради тоа што неговото интервју предизвикало толку негативни реакции во јавноста за кои вели дека ги разбира до детали.

Но во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Бугарија ишто станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со ЕУ. Нашата држава почива на делата на антифашизмот, нашата слобода е резулатат на антифашизмот. Но давањето на етнички карактерискит на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или било кој контекст, рече Заев.

Според него историски факт било тоа дека во 1948 година се заладиле односите меѓу во тогашна Југославија и Бугарија и дека постоела  железна завеса и сериозни и историски и политичи конфликти околу македонското прашање.

-Денес треба да работиме на отстранување на последициите од таа железна завеса кои се уште се осеќаат меѓу Македонија и Бугарија, рече Заев дообјаснувајќи што сакал да каже во интервјуто.

Поврзани новости