Даут Даути се повлече од трката за член на телото за медиуми

by fokus

Даут Даути кој беше во најтесниот круг за избор за петти член на ад хок телото за медиуми испрати писмо до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и до медиумите во кое соопштува дека се повлекува од трката. Писмото ви го пренесуваме интегрално:

„Првин сакам да ви се заблагодарам за довербата што сте ја искажале кон мојата „кандидатура“ со изборот во најтесниот круг од двајца кандидати за член на Комисијата за медиумско претставување. Во мојата „апликација“ имавте можност да го прочитате и моето CV, иако во една мала земја како нашата, каде што сите се познаваат, сигурно и без таа формалност, не би ме сметале како залутан и случаен кандидат. По стручност, и по погодност за овој ад-хок тело и специфичен времен ангажман, меѓу другото, и поради една многу значајна професионална епизода од својата кариера која е многу слична на она што се бара, не три месеци, туку најмалку три години непрекинат ангажман преку проектот МЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО каде се мониторирале телевизии со национална концесија и весници за одредени тематски циклуси, а во тие три години, и за следење на медиумите во изборни активности. Оваа го спомнувам поради јавноста која треба да знае дека таквото искуство секако е дека е битна препорака за овој вид мониторинг на медиумите за ова финале на решавање на политичката криза каде што политичките субјекти го одбрале овој модел на мониторирање на медиуми преку ад-хок телото.

Поради ова, не поради другото, не бев нескромен, па очекував дека ќе бидам еден од сериозните кандидати, со сета почит кон сите останати. Но моделот на избор за кој се договориле партиите, ја покажа сета своја фаличност а помалку и фарсичност. Очигледно е дека нереално било да се очекува едно тело во кои членовите се избрани по паритетна основа од два спротивставени субјекти да го изберат со консензус петтиот член, дури и да нема политика зад тоа. За подобноста на кандидатите во најтесниот круг веќе стана нерелевантен професионалниот бекграунд, туку претпоставената поддршка што на кандидатите им ја пружаат партиите ‘зад завесата’. Таа претпоставена поддршка од една партија која се откажа од кандидирање во ад-хок телото создаде пат позиција која многумина ја сметаат за намерна политичка игра за да се пролонгираат изборите. Се јавив на јавниот повик од лична мотивација и амбиција да придонесам овој сегмент од разрешување на политичката криза сепак да биде спроведен објективно, сметајќи ја улогата на петтиот член, како и своите професионални квалитети и лични определби и критериуми кои се познати на јавноста преку моите текстови, како многу битна во надминување на објективната поделеност меѓу власта и опозицијата. Влегов со лични амбиции но објективно очекував дека ќе ја уживам и политичката поддршка, што всушност и се случи, дел од вас членовите да ме поддржат а дел не, и за да не бидеме наивни, тука секако не без значење беше и улогата на третиот субјект, ДУИ, со чија неофицијална поддршка станав кандидат со најголема поддршка, меѓутоа и тоа е недоволно за избор. Овдека е небитна но многу ми значи поддршката од десетици колеги новинари и други кои ми се јавуваа да ми кажат дека во овој процес навистина можам да дадам позитивен придонес.

Бидејќи пат-позицијата е поради самото персонално решение кој ќе го води ад-хок телото а јас сум еден од двајцата сега веќе спорни кандидатури, јас ве молам мојата кандидатура да ја сметате како непостоечка со цел таа да не стане пречка за комплетирање на ад-хок телото, како и да не го задржи во заложништво целиот политички процес и да биде пречка за носење одлука за одржување на договорени предвремени избори.

На овој начин сакам да придонесам за изнаоѓање соодветно решение (сметајќи го мојот „противкандидат“ исто така како достоен успешно да ја завршува оваа одговорна задача) за излез од овој ќор-сокак во кој западна изборот на петтиот член на а-хок телото, но во ниту еден момент не чувствувајќи се како политички неподобен и професионално инфериорен кандидат во однос на останатите членови на ад-хок телото и останатите кандидати и покрај некои јавно изнесени забелешки. Исто така сакам да го ослободам и субјектот „кој стои зад мене“ од обврската по секоја цена, да ме поддржува, изразувајќи благодарност заради таа поддршка и не сметајќи ја како хендикеп, кога веќе тоа не е хендикеп и за оние членови кои ја оспоруваа мојата кандидатура а се избрани по предлог на партии.“

 

Поврзани новости