Ако се договорат политичките партии, ДИК паралелно може да ги спроведе двата процеса – и редовните локални и вонредните парламентарни избори, рече вечерва претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тоа, оцени Даштевски, би ги скратило и трошоците.
-Мислам дека ДИК би имала капацитет да ги спроведе и локалните и предвремените парламентарни избори, доколку партиите се договорат, рече Даштевски во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.
Тој откри дека кај некои од членовите на ДИК се јавуваат сомнежи дали навреме ќе се набави потребната опрема за скенирање отпечаток од прст, како што налага Изборниот законик. Сепак, Даштевски се надева, како што рече, дека има уште седум месеци дотогаш, што е доволно време, но во целиот процес ќе мора да помогнат и максимално да се анагажираат сите органи на државата.
Даштевски денеска разговарал и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој изразил подготвеност идната недела да се сретнат и да продискутираат околу ова прашање и неговата реализација.
Законот, напомена Даштевски, не дава алтернатива, ќе мора да се исполнат сите услови за одржување на локалните избори, вклучувајќи ја и набавката на скенерите.
– Законот не дава алтернатива, нема таква можност. Мора да се спроведат одлуките до крај, но цела држава треба да се ангажира. Избори мора да има, а средства за опремата се побарани уште во септември лани. На првата седница на ДИК потоа, се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека, доколку ДИК може да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства, што за мене е нејасна одлука зашто согласно членот 25 од Изборниот законик, сите државни органи, Собранието, министерствата за правда, за внатрешни работи, за информатичко општество, Државниот завод за статистика, локалната самоуправа, се должни да му ги обезбедат сите услови на Собранието, објасни претседателот на ДИК.