Конфискација на имот: Лесно се проневеруваат, но тешко се враќаат парите во буџетот

by fokus 20:15
20:15

Враќањето на проневерените милиони не е воопшто лесно. Правната пракса во државава е соочена со бројни правни недоречености, пречки, спори процедури. Едновремено, процесот се одвива и во сенка на политиката, поради што бројчаникот на Порта Македонија е темен и е сведен на нула 

Текстот е објавен на 21 јануари, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1320

- Advertisements -

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Бројчаникот поставен над Порта Македонија што требаше да ги брои вратените пари од конфискацијата е темен. На него нема ниту евра, ниту денари. А токму тоа беше едно од главните предизборни ветувања на власта.

СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе постави бројчаник на Триумфалната капија, кој ќе покажува колку пари се вратени во државата, со цел да испрати порака до сите корумпирани политичари и функционери дека криминалот повеќе нема да се толерира.

Ова, пред четири години го изјави лидерот на тогашната опозиција, а сегашен премиер, Зоран Заев. Тој со сопствени пари го купи бројчаникот на кој јавно требаше да се бројат парите вратени преку судските постапки против врвот на ВМРО-ДПМНЕ, но и од други судски постапки во кои се бара конфискација.

Во Македонија, конфискацијата е воведена во 2004 година. Таа претставува принудно одземање без надомест на приватна сопственост, стока или недвижен имот стекнати на криминален начин. Регулирана е во три различни закони, Кривичен законик (кој регулира што е конфискација), Закон за кривична постапка (во него се определува постапката за конфискација) и со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка (во овој закон се разработени институционалното спроведување на конфискацијата).

Најкратко кажано, конфискацијата е процес кога присилно се одзема непосредната и посредната имотна корист, која е стекната со извршување кривично дело. Одлуката за конфискација ја носи судот преку кривична постапка, која се води против определено физичко или правно лице.

Судската одлука претставува посебна казнено-правна мерка, која е правна последица од самото кривично дело и не е поврзана со сторителот (осудениот), ниту, пак, со казнената одговорност. Законодавецот предвидел дека запленување имот се врши кога ќе се докаже дека е поврзан со кривично дело, без разлика дали осомничениот ќе ја избегне одговорноста и казната од разни причини или правни пречки.

Низ  годините, со промени во законите се воведе и посредната конфискација. Тоа е можност за конфискацијата на имотот, кој не е директен производ на кривичното дело, но е имот во кој е трансформирана или измешана нелегално стекнатата корист, или е имот кој е производ од натамошно размножување на криминално стекнатиот имот. Посредната конфискација се однесува на случаи кога со нелегално стекнати пари, осомничениот или правното лице купуваат друг имот, купуваат и тргуваат со акции на берза или имаат удели во финансиски друштва за да ја скријат трагата, но и да ги легализираат незаконски стекнатите пари.

Проширена конфискација е предвидена со Кривичниот законик. Таа го олеснува докажувањето и одземањето нелегално стекнатиот имот на тој начин што товарот на докажување на потеклото на имотот се префрла од обвинителството врз осомничениот. Осомничениот за извршено кривично дело треба сам да ја докажува легалноста на својот стекнат имот и на финансиските средства доколку станува збор за високи сомнителни суми, приходи и имот.

Но, враќањето на проневерените милиони не е воопшто лесно. Правната пракса во државава е соочена со бројни правни недоречености, пречки, спори процедури. Едновремено, процесот се одвива и во сенка на политиката, поради што бројчаникот на Порта Македонија е темен и е сведен на нула.

Бизнисменот Сеад Кочан веќе одлежа околу година и половина од затворската казна, на која беше осуден во случајот „Труст“. Управителот на „Трансмет“ беше осуден бидејќи со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

И токму неговите милиони се главниот адут на власта дека во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство нешто се конфискуваше, иако ниту денар не им зедоа на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кои СДСМ како тогашна опозиција ги обвинуваше дека украле милијарди.

Но, милијардите никако да се свртат на бројчаникот, а од владата велат дека тој процес не зависи од извршната власт, туку постапките на независен начин ги утврдува правосудството. Сепак, од владата тврдат дека нешто капнало.

– Милион евра од финансиската полиција се веќе завртени во бројчаникот.

– Од заплената на имотот на „Трансмет“, постапка која е веќе завршена, треба да се вратат 18 милиони евра. Правните процедури се завршуваат по што, средствата од продажбата на имотот ќе се слеат во буџетот на државата.

– Наплатени се банкарски гаранции за „Макоил“, „ЗД Теам“ и Стојан Филиповски, сите во вкупен износ од 310.000,00 евра, односно 19.061.260,00 денари.

– Од постапката „Мостот Око“- проект од „Скопје 2014“, наплатени се  26.653.381 денари.(Од бизнисменот и поранешен градоначалник, Владимир Тодоровиќ)

– Вратени во буџетот се и 94.184.098 денари од постапката „Пелагонија“.  Додека по ревизијата од Врховниот суд,  во буџетот треба да се вратат 72.238.172 денари од катната гаража кај „Нова Македонија“.

– Во случајот „Транспортер“ поврзан со поранешниот градоначалник на Општина Битола, Владимир Талески, во буџетот треба да се вратат  34.224.179 ден. За предметот има судска пресуда и трае жалбена постапка, велат од Владата.

И во податоците што ги добивме од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција под чија надлежност се сега предметите на веќе згаснатото СЈО, во предметот „Труст“ со правосилна судска пресуда од 20 јули 2018 година се конфискува имотната корист прибавена во кривичното дело во износ од околу 17.200.000 евра.

НА КОЧАН СЀ МУ Е ПОД ЗАЛОГ И ХИПОТЕКА

 Ама засега, во буџетот нема ниту еден денар од милионите на Сеад Кочан. Пресудата за овој случај стана правосилна на 20 јули 2018 година, но од информациите што ги добивме од Агенцијата за управување со одземен имот се заклучува дека впаричувањето на неговиот имот не оди лесно, бидејќи цел недвижен и движен имот, опфатен со пресудата  бил, или под хипотека, или под залог.

– Агенцијата за управување со одземен имот по добивањето на пресудата донесе Решенија за пренос на право на сопственост на недвижниот имот опфатен со мерката конфискација на имот со горе наведената пресуда, и тоа 26 недвижности распоредени на 19 имотни листови и 204 подвижни ствари – пмв, машини и друго. Меѓутоа, донесената пресуда во делот во која е изречена мерката конфискација на имот е неспроведлива од причини што целокупниот имот (што значи и недвижен и движен имот), за кој е изречена мерката е под хипотека и залог, каде што како доверител се јавуваат неколку банки,  велат за „Фокус“ од Агенцијата, не сакајќи натаму да го толкуваат нивниот одговор.

Неофицијално процедурата е сѐ уште во тек и се водат граѓански постапки по кои ќе се знае колку од овие милиони точно ќе бидат вратени во буџетот.

Во другите предмети што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, главно е замрзнат имот и сметки како мерки за времено обезбедување, и сѐ уште се чекаат правосилните пресуди. Со овие мерки привремено се обезбедуваат имотот или предметите што подлежат на конфискација, сѐ до конечната одлука на судот за конфискација. Целта на привремените мерки е да го спречат отуѓувањето и располагањето со ваквите предмети и да овозможат кога судот ќе донесе одлука за конфискација, таа да може да се спроведе, односно да е обезбеден имотот што треба да се конфискува.

Еден од ретките обвинети поранешни функционери кој веднаш замина во затвор, Ѓоко Поповски, освен затворски казни за набавката на „тенкот“ на Груевски и за набавката на полициски возила во случајот „Триста“, задолжен е и да ја надомести штетата во Министерството за внатрешни работи, во износ од над 450.000 евра. Помошник-министерот во МВР, кого јавноста речиси и не го знаеше пред да биде осуден и кој ја потпишувал целата документација во МВР, има имот, движен и недвижен, во вредност од околу 165.000 евра. Судот му забрани да го отуѓува имотот.

Во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваат на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, со две решенија замрзнат е имот во вредност од над 10,5 милиони евра. Меѓу замрзнатиот имот е и новото осумкатно партиско седиште, во јавноста познато како Белата палата. Станува збор за две издвоени постапки, во првата – партијата и партиските членови се гонат за уплаќање донации во име на други членови на партијата. Во втората, ВМРО-ДПМНЕ се гони за изградба на седиштето на партијата,  донација од градежна фирма, која добивала државни тендери, што е спротивно на законот. Од опозициската партија сметаат дека постапките се политички мотивирани.

Освен во овие предмети, замрзнат е имот и во други предмети, кои се далеку од судска пресуда.

ПРАВНИ ПРЕЧКИ ДО КОНФИСКАЦИЈАТА 

Патот до конфискацијата кај нас е полн со правни пречки и процедури, објаснува и обвинителката Ленче Ристоска, која беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство, а сега сѐ уште води дел од предметите на СЈО преземени од ОЈО ГОКК. Таа вели дека најголеми предизвици со кои се соочила во кривичните постапки каде што постоеле предмети или имот што подлежат на конфискација е токму лоцирањето на имотот и предметите, како и обезбедување докази за нивното потекло и за основата за конфискација. Најзагрижувачка појава е кога судот го замрзнувал имотот дури кога ќе се отуѓел.

– Тешкотии се појавија и во постапките за привремено обезбедување на предметите и имотот што подлежи на конфискација, во смисла што, иако од обвинителството беше поднесен предлог за привремено обезбедување, тој првично не беше прифатен од судот, за подоцна, кога се приложија докази дека дел од имотот за кој е барано привремено обезбедување е веќе отуѓен, судот да одреди привремени мерки за обезбедување, вели Ристоска.

Освен тоа, според Ристоска, посебен предизвик е процената на вредноста на предметите и имотот што подлежат на конфискација, особено во случаите кога постои итна потреба од обезбедување на ваквите предмети и имот.

– Ова од причина што определувањето на вредноста на предметите и имотот за кои се бара привремено обезбедување е еден од условите за определување мерки за нивно привремено обезбедување, вели Ристоска.

Таа објаснува дека одлуката за конфискација судот ја носи заедно со одлуката за вина. Исклучок од ова правило се случаите кога заради одредени правни пречки не е можно водење кривична постапка и во такви случаи, иако судот нема да одлучува за вината на обвинетите лица, сепак доколку се исполнети законските услови, може да се поведе постапка за конфискација.

По донесувањето на правосилната пресуда, процедурата ја презема Агенцијата за управување со одземен имот. Судот веднаш ја известува Агенцијата и ги предава конфискуваниот имот, имотната корист или предметите, но кога предметите не се под залог или хипотека.

КАКО СЕ ВПАРИЧУВА ОДЗЕМЕН ИМОТ?

 По примањето на имотот, Агенцијата врши процена на неговата пазарна вредност, при што може да користи услуги на овластени проценители или Бирото за судски вештачења.

– Агенцијата, согласно законските надлежности, може да отстапи одземени предмети со правосилна пресуда или да спроведе продажба. Одземени предмети со правосилна пресуда бесплатно се отстaпуваат на други државни органи, фондови, агенции, дирекции, јавни установи, независни регулаторни тела, трговски друштва, како и единиците на локалната самоуправа, по претходна согласност на Владата, објаснуваат од Агенцијата.

Продажбата се спроведува со електронско јавно наддавање. Се објавува оглас во согласност со постапката и начинот предвидени со закон, и продажбата на недвижниот или движен имот кој е предмет на продажба. Од Агенцијата објаснуваат дека треба да се земе предвид дека за државниот буџет покрај со конфискуваните парични средства кои се  префрлаат во буџетот, како и средствата кои се остваруваат од продажбите, се придонесува и со отстапување на одземената стока без надомест.

– Притоа треба да се има предвид и дека се придонесува и преку отстапување други органи и институции без надомест, кои понатаму ги доделуваат  на реупотреба за општествени цели и граѓани кои за тоа имаат потреба и заштеда на буџетот за набавка на истите, објаснуваат од таму.

Одземениот имот се чува во 4-те магацини на Агенцијата за управување со одземен имот, кои се недоволни имајќи ги предвид бројот на одземените предмети со кои располага Агенцијата за управување со одземен имот.

Според анализата на Коалицијата „Сите за правично судење“, иако мерката конфискација на имот е предвидена во Кривичниот законик од 2004 година, првите пресуди се од 2008 година.

– Ова во голема мерка се должи на недоволната уреденост на постапката за конфискација, немањето капацитети и ресурси во специјализираните центри за спроведување обемна и детална финансиска истрага, како и тромавото и нефлексибилно напуштање на задолжувањето осуденото лице да го надомести противправно стекнатиот износ. Ваквото постапување на судовите да го задолжуваат обвинетото лице да го надомести противправно стекнатиот паричен  износ е сѐ уште застапено во пракса, а конфискацијата е сѐ уште слабо применета, се вели во анализата.

Сепак, според нив, охрабрувачки е што според податоците добиени од Државниот завод за статистика (ДЗС) и Основниот кривичен суд Скопје, примената на конфискацијата на имот се зголемува, а особено со промената на моделот на кривичната постапка во декември 2013 година и предвидувањето на надлежноста на јавното обвинителство да ја води истрагата.

ОД 670 ПРЕДМЕТИ, КОНФИСКАЦИЈА Е ИЗРЕЧЕНА САМО ВО 36 СЛУЧАИ

 Според анализите на Коалицијата „Сите за правично судење“, од 2010 до 2019 година, од мониторирани 2.496 кривични предмети, од кои 670 предмети се воделе пред Одделението за гонење организиран криминал и корупција во Основниот Суд Скопје 1 (сега Кривичен суд Скопје), забележано е изрекување на мерката конфискација на имот во само 36 случаи, додека ниту еднаш не е изречена мерката проширена конфискација.

Проширената конфискација се однесува на имот, кој според пресудата е заработен и стекнат со кривични дела, но како титулар и сопственик на имотот се водат роднини или блиски лица на осудениот. Во тие случаи, имотот треба да се одземе врз основа на стекнување, без разлика што е подарен, препишан или продаден на други лица.

Во извештајот Коалицијата забележува дека износот кој судот го конфискува или, пак, ги задолжува осудените лица да го вратат е речиси секогаш еднаков на нелегално стекнатиот имот со кривичното дело, односно еднаков на причинетата штета без да навлезе во заработката од криминално стекнатиот имот.

Како пример е наведен случајот „Тифани“ со новинарката Ивона Талевска во кој со пресуда од 2018 година, Талевска е задолжена во рок од една година да го врати незаконски стекнатиот имот преку даночно затајување сторено во период од 2008 до 2014 година, а во спротивно тој износ ќе биде конфискуван.

– Не е земен предвид имотот кој е стекнат како резултат на располагање и умножување на незаконски стекнатиот имот, а дополнително судот на осуденото лице му остави простор од 1 година во која тоа лице ќе може да располага, а евентуално и дополнително да го зголеми или прикрие незаконски стекнатиот имот, констатираат од „Сите за правично судење“.

Нови проблеми раѓа и непостоењето на законско решение кога осудениот нема да го врати износот кој му е пресуден. Агенцијата за управување со конфискуван имот е овластена да го конфискува износот од осуденото лице, но доколку не успее да го пронајде имотот на осудениот, нема овластување да спроведе финансиска истрага за да го најде скриениот имот.

Големо откритие на извештајот е тоа што освен во скопскиот Кривичен суд, другите судови ниту се занимаваат, ниту изрекуваат мерки за конфискација на имот од кривични дела. Главната законска пречка која треба да се отстрани, според Коалицијата за правично судење, е тоа што Кривичниот законик треба прецизно и ефикасно да ги разработи и допрецизира законските одредби за конфискација и проширена конфискација.

Вториот поим во Кривичниот законик е поврзан со одредби од други граѓански закони, со што се комплицира процесот на одземање на криминалното богатство, кое како подарок или на друг начин е префрлено на трети „чисти“ лица.

Актуелната состојба недвосмислено покажува дека конфискацијата, нејзината законска рамка и нејзината примена остануваат голем предизвик за теоретичарите и практичарите. Потребна е дебата за „слабите точки“ на оваа важна мерка, за таа да не остане само на хартија, туку да биде ефикасно и ефективно применета.

Но, имајќи го сето ова предвид, граѓаните очигледно уште долго време ќе чекаат да засветли бројчаникот на Порта Македонија и да покаже милионска сума на конфискувани односно вратени пари  во буџетот на државата.

(Овој медиумски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.)

 

Поврзани новости