Дарко, чиј брат летово апелираше за негово пронаоѓање е починатото момче пронајдено вчера

by fokus

Дарко В. од Драчево е момчето чие тело вчера било пронајдено на патот кон местото викано Три Круши. Според МВР, за Дарко било пријавено дека се оддалечил од домот на први јуни годинава. Неговото тело по наредба на Јавен обвинител било предадено на обдукција.

За 31-годишното момче ,,Фокус” пишуваше годинава во август, кога неговиот брат кој живее во странство бараше помош од јавноста за негово пронаоѓање.

Тој тогаш појасни дека Дарко и нивниот татко живееле сами, и никогаш не се случило да го нема толку долг период без да ги контактира.

-Како зрел и возрасен човек, во минатото се случило да отиде кај пријатели во друг град, се случувало да остане по неколку дена. Но, да го нема речиси два месеци, никогаш не се случило и поради тоа сме загрижени. За сето ова време, нема контакт на социјални мрежи или пак на мобилен телефон. Не знам ниту како бил облечен кога излегол од дома… Замолуваме, доколку некој има било какви информации, да пријави во полиција, или да ме контактира мене, на социјалните мрежи-апелираше летово братот на момчето.

Засега не се откриваат повеќе детали околу настанот, а првичната информација од МВР е дека на телото на момчето немало траги на насилство.

Инаку, во земјава во изминатиот период исчезнаа повеќе млади лица по кои се трага. Во март годинава исчезна 29-годишниот Љумани Исљам од Ресен, а пак во април годинава од Демир Капија исчезна 30-годишниот Илија Лазаревиќ.

Минатата година од Босилово, Струмица исчезна тогаш 29-годишната Марија Брзакова, која во тој период била бремена во своето второ дете. Никој од нив не е пронајден.

Вики Клинчарова

Поврзани новости