Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој вчера беше уапсен на граничниот премин Табановце, по 20 години во бегство, поднел барање за ново судење.
-До Основниот кривичен суд Скопје, доставено е барање за повторување на постапката на осуденото лице, од страна на неговиот бранител, со оглед да истиот бил суден во отсуство. Согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување.
Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од судот.
Оттаму додаваат дека судот во Куманово пак одлучувал во однос на застарувањето на извршувањето на казната.
-Во однос шпекулациите кои се однесуваат на евентуалното застарување на извршувањето на санкцијата односно застарувањето на кривичниот прогон, ја известуваме јавноста дека застарувањето на извршувањет го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка, велат од Кривичен суд.
Даравелски во 2008 година беше правосилно суден на седум години затвор во отсуство, за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.
Во случај да му се дозволи повторно судење, Даравелски би можел да се спаси поради апсолутна застареност на кривичното гонење.
Валентина Вурмо