На денешното рочиште за случајот „ТНТ“ одбраната бараше одложување, бидејќи обвинителката Катица Јанева е во притвор, а нејзините помошници-обвинители не биле надлежни да ги застапуваат предметите.
-Обвинителот Бурим Рустеми ја застапува јавната обвинителка Јанева, а не овој предмет. Бидејќи Јанева е спречена, тоа право го немаат ниту останатите обвинители, рече адвокатот Димитар Дангов.
Обвинителот Рустеми пак истакна дека фактот што Јанева е во притвор не значи и стопирање на предметите кои се во судска постапка.
-Таа одлука сама по себе не создава можности да предметите престануваат да се застапуваат од обвинителите на СЈО, затоа што Законот за СЈО, го наведува правото на јавните обвинители кои ги застапуваат предметите, само го исклучува правото на наредби за покренување на истрага и поднесување на обвинение, рече обвинителот Рустеми.
Тој додаде дека за оваа ситуација треба да одлучи Советот на јавните обвинители.
-Релевантна би била одлуката на Советот на јавните обвинители. Се додека не престане мандатот на Јанева, ние имаме можност да го застапуваме предметите пред надлежниот суд, рече обвинителот Рустеми.
Адвокатот Дангов повторно му реплицираше.
-Ова е барање покритие, па дури го сметам за незнаење, рече Дангов, кој додаде дека доколку предметот продолжи тоа би било злоупотреба на положбата од страна на обвинителите.
Судијата Огнен Ставрев по кратката пауза рече дека дека барањето за изземање на Јанева е недозволено, бидејќи Законот за СЈО и дава целосна автономија.
В.В.