Ексдиректорот на Агро комбинатот „Џумајлија“, Зоран Даневски е префрлен во штипскиот затвор, откако беше екстрадиран од Бугарија, каде беше во бегство две години.
Против него беше распишана и меѓународна потерница поради злоупотреби во агрокомбинатот, каде беше извршен директор.
Даневски го откриле при рутинска контрола од сообраќајната полиција во Бугарија, додека се возел во автомобил со уште три други лица. Полицаецот што го легитимирал утврдил дека Даневски е лице барано со потерница, по што бил уапсен и веднаш испорачан на македонските власти.
Даневски доби казна од две години затвор, затоа што носел одлуки и земал кредити без знаење и одобрение од Собранието на доверители во Агро комбинатот „Џумајлија“.
Против него се водат постапки и за злоупотреба на службената положба и овластување и за затајување на данок при продажба на вино, како и за исчезнувањето на државните резерви за жито, чија вредност се проценува на околу еден милион евра.
И неговиот брат Слободан Даневски доби казна од три години затвор, исто така за злоупотреби во комбинатот Џумајлија, со кој раководеа двајцата браќа.