Штипјанката Марија Данева ја доби наградата за најдобар сценски настап, но го освои и третото место на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест 2021” чие финале се одржа вчера, на отворено. Иако освои трета награда, сепак младата пејачка реагираше емотивно, како да го освоила првото место, и не можеше да ги запре солзите на сцената.
Кога излезе да и биде врачена наградата од страна на градоначалникот д-р Сашко Николов, таа клекна на бината, не можејќи да се соземе, по што градоначалникот ја прегрна, обидувајќи се да ја смири.
-Не можам да зборувам, благодарам многу, повторуваше и низ солзи се заблагодаруваше на публиката.
-Уште плачам, и сега, еден ден по освоените награди, преплавена сум со емоции, не можам да се сопрам – вели Марија во разговор за ,,Фокус”.
-Ова е една лавина од емоции, многу сум трогната. Првин ја добив наградата за сценски настап, и воопшто не очекував уште една награда. Кога го слушнав моето име во наградените по втор пат, не верував, мислев дека е некоја грешка. Целата бев збунета, присутните ми кажуваа да одам на сцената да ја подигнам наградата, а јас како да лебдев. Нереално ми беше, еве и уште ми е, многу сум среќна и благодарна.
Посебно ми е мило што наградата ја добивам во Штип, ова е мојот град, ова се моите луѓе, кои знаат колку се вложувам во музиката – раскажува Данева.
Вели дека во публиката биле нејзините родители, роднини, другари… Не можела да ги контролира емоциите, затоа што уште како дете растела со ,,Макфест” и била свесна за значењето на фестивалот на македонската музичка сцена.
-Посилно беше тоа од мене, па дури и кога заминав зад сцената, јас не можев да се сопрам. Се изнаплакав, а блиските ме смируваа и прашуваа зошто толку многу плачам. Ни самата не знам, ова беше како круна на се што правам во изминатите три години на музичко поле, за целиот труд и љубов кои ги вложувам во музиката. Еве, и сега пак плачам – вели штипјанката.
Пошироката публика ја запозна на регионалното шоу ,,Ѕвездите на Гранд” кога влезе во првиот круг, но потоа испадна, како што вели, поради погрешен избор на песни. Студира на факултетот за образовни науки во Штип, а песната ,,Твоја” со која ги освои наградите на ,,Макфест” е дело на Роберт Билбилов, кој ја компонираше музиката и го направи аранжманот, додека текстот го напиша Ана Антовска.
-Благодарна сум му и на Билбилов, кој имаше големо трпение и работеше со посветеност. Тој многу ми помогна и целиот труд се исплати. Ова е наша прва соработка, моја прва песна, и ветувам дека не запирам овде, одам напред и ќе понудам уште многу добри материјали на публиката – вели Марија.
На 36-то издание на фестивалот втората награда ја освои Мартинијан Кириловски со ,,Вистина”, а победник беше штипјанецот Александар Тодоровски со песната ,,Под исто небо”.
Вики Клинчарова