Со цел да ги убедат колегите од владејачкото мнозинство да гласаат за нивниот предлог, пратеничката групата на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која повторно најави дека ќе поднесат Предлог-закон за намалување на акцизата на дизел горивото.
Координаторот на пратеничката група повтори дека зголемувањето на акцизата на дизелот за 3,5 денари е удар по џебот на најсиромашните и дека тоа за просечниот граѓанин значи 200 денари плус. Вчера, пак, законот го најави пратеникот Влатко Ѓорчев.
– Откако власта ја покачи акцизата, цената на дизелот галопирачки се зголемуваше и од 46 денари за литар во времето кога СДСМ ја презеде власта се зголеми на 60 денари. Тоа е покачување за 30 отсто, рече Данев.
Трошокот, според него, кој директно ќе го платат граѓаните, е над 40 милиони евра, но индиректниот трошок е многу поголем. Покачената акциза влијае дестимулативно на економијата и го забавува нејзиниот раст.
Данев, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека власта и во Парламентот поддржала дел од нивните предлози за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој в петок е на дневен ред на собраниската Комисија за транспорт.
Во однос на спорот со името и информираноста на опозицијата, тој рече дека очекувале овој процес да се води многу потранспаретно.