Пејачот кој моментално се наоѓа во Австралија, каде е во тек неговата прва турнеја, вели дека веднаш по враќањето назад во Македонија, тужби ќе добијат сите од Бугарија кои незаконски препеале и измениле авторски песни од неговиот татко. Оваа одлука ја донел откако во повеќе наврати неговата верзија на народната песна ,,Тешко мина докторе’’ била отстранувана од музичкиот канал Јутјуб.
,,Поздрав до бугарите! На нивна несреќа мојата верзија на народната македонска песна од Пиринскиот дел на Македонија ги руши сите граници на популарност, и бидејќи тоа не им одговара, упорно ја тргаат од Јутјуб. Но тие можат да ја тргаат, ние можеме да ја објавуваме повторно, а на народот никој не може да му забрани да ја сака и слуша. А бргу следуваат повеќе тужби од мене до неколку продукциски куќи во Бугарија, за незаконско препејување и изменување на песни од мојот татко Војо Стојаноски, како што се ,,Свадба голема’’ ,,Една мисла имаме’’ и други’’ – информираше на својот официјален Фејсбук профил Стојаноски.
За ,,Фокус’’ тој ја потврди одлуката дека ќе ги тужи бугарите.
,,Секако дека ќе тужам кога ќе се вратам од Австралија. Не знам точно колку песни имаат препеано, сигурно знам за три – четири, но ќе ги најдам сите’’ – вели Дамјан.
Тој ја сними својата прва песна на 17 години и заеднички ја отпеа со Војо на фестивалот ,,Гоце Фест’’. Од пред две години активно се занимава со музика, има редовни настапи, снима песни и спотови.
,,Продолжувам во духот на македонската народна песна и ќе го негувам тој мелос. Знам дека татко ми би бил горд на мене и тоа ми е дополнителен мотив да се посветам со уште поголема страст на музиката’’- раскажа за ,,Фокус’’ минатиот месец.
Вики Клинчарова