Дамева: Интерпелациите нема да го решат проблемот со судството, туку само ќе го продлабочат

by Fokus

Мнозинството пратеници бара интерпелација на членовите на Судскиот совет – Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Интерпелациите за кои попладнево почна расправата во рамките на 40. седница на Собранието се поделени во пет точки, односно за секој од петтемина на Судскиот совет пратениците ќе расправаат и ќе гласаат одделно.

Со 77 гласа Собранието на Република Северна Македонија денеска изгласа недоверба на Весна Дамева, член на Судски Совет. Според заклучокот, Дамева имала значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонела за падот на довербта на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека таа ја занемарила и не ја извршувала својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губи легитимитетот да учествува и одлучува во работата на Судски совет.

Обраќајќи се од говорницата Дамева претходно кажа дека како што не одговарала на поединци од минатата власта, така не одговара и на поединци од оваа власт.

Во таа насока, кажа дека не дозволила притисокот и омаловажувањата на кои била изложена од оваа иста говорница да влијаат на нејзината чест и совест, но оти не можела да помине преку болката што тоа ја предизвикало врз нејзиното семејство.

„Се прашував дали може да се гази преку живи луѓе. Очигледно е дека желбата за власт е посилна од било какво чувство и било кое средство“ – рече Дамева.

Посочи дека најверојатно за последен пат стои пред пратенците, бидејќи за девет месеци истекува нејзиниот мандат како член на Судскиот совет, но, оти денеска дошла во Собранието не за да се заштити себеси, туку да застане во заштита на владеењето на правото, Уставот и на судската власт и да се спротивстави на, како што кажа, дискриминаторскиот однос.

„Тоа ми е должност како носител на функција во судската власт“’, рече таа.

Во својата аргументација дека институт интерпелација се однесува и се користи исклучиво за политичка контрола на Владата и нејзините членови поединечно, Дамева се повика на трудови на универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ, а рецензирани од неговата колешка, сега претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

„Кога била во право претседателката Гордана Сиљановска-Давкова или науката молчи и ја наведнува главата пред политиката“ – рече Дамева.

„Проблемот нема да се реши со интерпалцијата, на ваков начин само се продлабочува проблемот и се прави опасен преседан кој ќе има далекусежни последници и по судството и по државата“ – рече таа.

Поврзани новости