Откако пред три недели Судот на честа при Лекарската комора, на гинекологот Никола Дамчевски му ја одзеде лиценцата на седум години, тој пред неколку денови го искористил последниот рок и поднел жалба до второстепената комисија, неофицијално дознава „Фокус“.
Нашите извори потврдуваат дека Дамчевски го добил официјалното решение дека му е одземена лиценцата на седум години, по кое решение ја поднесува и жалбата. Според процедурата, тој веќе поднел жалба до второстепената комисија и ако во тој случај му биде одбиена жалбата, тогаш доколку повторно се жали, последната одлука ја носи Собранието на комората кое брои 69 члена.
Пред три недели Судот на честа одлучи да му ја одземе лиценцата на седум години, што е најстрога казна што можел да ја добие гинекологот од Лекарската комора. Со оглед на тоа што против него е покренато обвинение за измама на пациентки дека се бремени, тој може да остане доживотно без лиценца, само со судска пресуда.
Дамчевски, последната година беше вработен на скопската Клиника за Гинекологија. од каде што откако изби скандалот е суспендиран.
И.М.