Дали знаевте дека 29 струмички фирми кои имале кредити во Еуростандард банка, од кои едната е „Сара инжинеринг“ на Вице Заев, со години не ги плаќале кредитите земени од банката и ќариле 13 милиони евра, ја праша пратеникот Антонио Милошоски гувернерката Анита Бежоска Ангеловска на надзорната расправа во Собранието за пропаста на Еуростандард банка.
Освен оваа фирма, Милошоски ги спомена и фирмите „Глобал Медиа Груп”, како и „Тритерол”, кои според него, биле бизнис партнери на Зоран Заев како поранешен градоначалник.
-Овие 29 фирми блиски до Заеви, меѓу кои и фирмите кои се во нивен посед, оствариле добивка од Еуростандард банка 12.800.000 евра поради неплаќањето на кредитите, на штета на штедачите кои имале средства во Еуростандард банка, рече Милошоски.
Тој и посочи на Бежоска дека таа требала да ги знае овие информации од ревизиите, особено од 22-ри мај, кога е воведен дневен надзор над банката.
Милошоски уште еднаш ја запраша гувернерката, зошто дозволила овие 29 фирми блиски до Заеви да не ги плаќаат кредитите и да остваруваат добивка на грбот на штедачите, и исто така дали за овие работи била информирана, а не реагирала.
Претходно гувернерката Бежоска, во своето воведно излагање, кажа дека одземањето дозвола за работа на банка е една од најтешките одлуки за секоја централна банка, дека НБМ пред да ја донесе оваа мерка ги исцрпела сите можности, а дека инвеститорот не понудил доволно капитал за докапитализација на банката, која била несолвентна.
Додека трае надзорната расправа за во 15 часот пред Собранието е закажан протест на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка која пропадна.