МВР: Трагаме по Агим Исмаиловиќ обвинет во „Монструм“

by fokus

Откако „Фокус“ објави дека Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм“, денеска најверојатно избегал откако обвинителката Фатиме Фетаи побара да му биде одреден притвор, и од МВР за „Фокус“ ја потврдуваат информацијата.

-Известени сме од судот и превземаме мерки за пронаоѓање на лицето, ни одговорија од МВР.

Поточно, денеска откако немало услови да се оддржи рочиштето, обвинителката Фетаи побарала притвор за Исмаиловиќ и Фејзи Азири, и мерки на претпазливoст за Хаки Азири.

Но, наместо да бидат задржани во судот до одлука на Кривичниот совет, нешто што го побарала и обвинителката, тие, со дозвола на судијата слободно си излегле, по што сега нема ниту трага ни глас од Агим Исмаиловиќ. Образложението на судијата било дека додека нема одлука за притворот, обвинетите се слободни граѓани и можат да си одат. Можеби Исмаиловиќ ќе се појави, но алармот дека е избеган се вклучи откако дознавме дека екипи на МВР веќе трагаат по него.

Исмаиловиќ е еден од обвинетите за петкратното убиство што во 2012 година беше извршено кај Смиљковското Езеро. Неговиот брат Африм Исмаиловиќ исто така е еден од обвинетите, но тој заедно со Алил Демири, непосредно по петкратното убиство избегаа во Косово.

Освен за Исмаиловиќ, Фетаи побара притвор и за Фејзи Азири, а мерки на претпазливост за Хаки Азири, односно наместо како досега два пати неделно да се пријавува во суд, тоа да го прави секој ден.

Валентина Вурмо

Поврзани новости