Текстот е објавен на петти септември 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 688
Пишувал
Сем ВАКНИН
На 17 февруари 2008 г. Косово стана нова држава со отцепување од Србија. Тоа беше втор пат за помалку од една деценија Косово да прогласи независност. Стручњаците предупредуваа дека ваквиот настан воспоставува преседан прогнозирајќи дезинтеграција на суверените држави, од Белгија до Македонија, чиј западен дел е населен со Албанци.
Во 2001 г. Македонија се соочи со опасност од граѓанска ојна. Таа капитулираше и го потпиша Охридскиот рамковен договор. Сепак, вистината е дека косовската независност не носи ништо ново за Македонија. Се чини дека Македонците нема што да се грижат. Иако според меѓународното право Албанците населени во западниот дел од државата можат да кренат востание и да бидат третирани како бунтовници (како што тоа го направија во 2001 г. и веро јатно уште двапати пред тоа), тие не можат да претендираат да прераснат во национално ослободително движење.
Па дури и да се отцепат, постои многу малку веројатност да бидат признаени. За почеток, постојат значајни и суштински разлики помеѓу косовската УЧК (ОВК) и нејзиниот македонски пандан – ОНА. Југославија ја сметаше косовската ОВК за терористичка организација. Но тоа не го мислеше останатиот дел од светот. ОВК нашироко беше сметана за национално ослободително движење, или барем за група бунтовници.
Помеѓу 1996-1999, ОВК воспостави хиерархиска командна структура која имаше контрола и авторитет врз Албанците во поголемиот дел од Косово. Како последица, таа се здоби со одреден статус на меѓународен субјект во смисла на меѓународното право. Токму затоа, она што започна како серија внатрешни престрелки и судири во 1993-1995 г., во 1999 г. беше подигнато на ниво на меѓународен конфликт во кој двете страни ги имаа сите права и обврски од „Ius in Bello“ (военото право).
БУНТОВНИЦИ ВО МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО
Традиционално, меѓународната заедница не ги третира цивилните судири на истиот начин како што тоа го прави со меѓународните вооружени конфликти. Никој не мисли дека е добра идеја да се охрабруваат бескрајните повторувања на племенски или етнички сецесии. На својата домашна територија, бунтовниците од страна на законските власти речиси без остаток на почетокот се етикетираат и се третираат како криминалци или терористи.
Парадоксално, но колку подолго трае и колку посеопфатен станува конфликтот, колку поцврста е контролата врз луѓето кои ги населуваат териториите во кои востаниците вообичаено оперираат, толку подобри се нивните шанси да добијат некакво меѓународно признание и статус. Така, меѓународното право фактички ги подбуцнува востаниците да продолжат да ги заоструваат конфликтите, многу повеќе отколку да работат на нивно разрешување по мирен пат.
По дефиниција, бунтовниците се привремени, минливи, сезонски меѓународни субјекти. Како што вели Антонио Казесе (во својата книга „Меѓународно право“): „Востаниците се потиснуваат од страна на владата и тие исчезнуваат; или пак ја зграбуваат власта и се инсталираат себеси на местото на владата; или ја отцепуваат територијата и се припојуваат кон друга држава, или стануваат нов меѓународен субјект.“
Со други зборови, тие се минлив феномен. Бунтовниците никогаш не можат да претендираат на суверени права врз територијата. Суверените држави би можеле да склучуваат договори со бунтовничките сили и да бараат тие да обезбедат и да дозволат заштита и помош на странците на територијата која е засегната од нивните активности.
Меѓутоа, ова не е симетричен однос. Бунтовничката страна не може да има никакви реципрочни барања од државите. Сепак, штом се склучат, договорите можат да стапат на сила и да се користат сите законски санкции. На трети земји, кои не се инволвирани во конфликтот, дозволено им е да понудат помош, дури и од воена природа, но само на владите, а не и на бунтовниците (со исклучок на хуманитарна помош). Тоа не е случај кога се работи за меѓународните ослободителни движења.
НАЦИОНАЛНИ ОСЛОБОДИТЕЛНИ ДВИЖЕЊА
Каква е разликата помеѓу групата борци за слобода и националното ослободително движење според првиот Женевски протокол од 1977 г. и конвенциите што потоа следуваат? Националното ослободително движење претставува колектив, нација или народ, во својата борба да се ослободи од странска или колонијална доминација или пак од неправеден (на пример: расистички) режим.
Националното ослободително движење воспоставува организациона структура иако може или не може да ја контролира територијата (многу движења функционираат од егзил). Но движењето мора да претендира да се здобие со доминација врз територијата и супресираното население кое живее на неа. Ослободителните движења го поддржуваат принципот на самоопределување и затоа по правило се сметаат за меѓународно легитимни. Иако е помалку значајно од гледна точка на меѓународното право, признавањето од страна на другите држави кое следи по воспоставувањето на националните ослободителни движења, има огромни практични последици: на државите им е дозволено да ја зголемат помошта, вклучувајќи економска и воена помош (освен армиски трупи) и обврзани се да се воздржат од помагање на државата која му го негира правото на самоопределување на народот или на групата која на тоа има право (Казесе).
Спротивно на обичните бунтовници, национално ослободителното движење мо же да претендира на правото на самоопределување; на правата и обврските од военото право (легалните принципи што се однесуваат на водењето на непријателствата); на правата и обврските за склучување договори; на дипломатски имунитет. Сепак, дури ниту на националните ослободителни движења не им е дозволено да се однесуваат како суверени држави. На пример, тие не можат да располагаат со земјата или со природните ресурси на територијата која е предмет на спор. Но во вакви ситуации тоа и е забрането и на законската власт или на колонијалната сила.
ВНАТРЕШЕН ВООРУЖЕН КОНФЛИКТ
Бунтовниците и востаниците не се законски борци (или војници). Тие попрво се сметаат за обични криминалци од страна на сопствената држава и од мнозинството други земји. Кога се фатени, тие не уживаат статус на воени затвореници. Иронично, само законската власт на определена територија може да го подигне статусот на востаниците од бандити до законски борци (признавање на воена состојба).
Затоа не е регулирано како владата ќе избере да се бори против бунтовниците и востаниците. Сѐ додека таа се воздржува од намерно повредување цивили, може да прави што сака. Но меѓународното право постојано се менува и граѓанските судири се повеќе се интернационализираат и се третираат како вообичаени билатерални или дури мултилатерални вооружени конфликти.
Доктрината на интервенција поради заштита на човековите права во корист на супресираните народи во меѓувреме доби на значење. Така дојде до операцијата „Здружени сили“ на Косово во 1999 г. Ако граѓанската војна се шири и ако зафати трети држави и ако бунтовниците се добро организирани како воена сила и како цивилна администрација на територијата за која се борат, денес вообичаено се прифаќа дека конфликтот во таков случај би требало да се смета и да се третира како меѓународен.
Како што е кристално јасно од вториот Женевски протокол од 1977 г., востанијата или буните (како во Македонија, 2001), се уште не се покриени од меѓународните правила на војната, освен со генералните принципи кои се однесуваат на цивилите и нивната заштита (на пример, членот 3 од четирите Женевски конвенции од 1949) и вообичаените закони кои пропишуваат употреба на хемиско оружје, противпешадиски мини, подметнати бомби и сл. И двете страни, државата и востаничките групи, се обврзани да ги почитуваат овие неколку правила. Ако ги прекршат, тие можеби прават воени злосторства и злосторства против чо вештвото.
СЕЦЕСИЈА
Новата држава Косово веднаш беше признаена од САД, Германија и другите големи европски сили. Канадскиот Врховен суд со својата пресуда во случајот „Кебек“ во 1998 г. ги разјасни состојбите дека статусот на држава не е условен од признавање на државата, туку дека (стр. 289): „Одржливоста на она што треба да биде држава во меѓународната заедница од практичен аспект зависи од нејзиното признавање од страна на други држави“.
Меѓународното право на одделни федерални држави предвидува механизам на законска сецесија. Уставите на СССР и СФРЈ (Југославија, 1974) имаа вакви одредби. Во други случаи – САД, Канада, и Обединетото кралство – работата ја преземаат врховните ешалони на правниот систем и тие пресудуваат во врска со правото на сецесија, неговите процедури и механизми.
Па сепак, фактите на теренот го определуваат меѓународниот легитимитет. Уште во 1877 г., во екот на најкрвавата сецесионистичка војна на сите времиња, Американската граѓанска војна (1861 – 1965), Врховниот суд на САД донесе ваква одлука (во случајот „Вилијам против Брафи“): „Валидноста на сецесионистичките акти против татковината и нејзините жители и субјекти, зависи целосно од конечниот успех на ентитетот, територијата што се отцепува. Ако не успее (sic) да се етаблира себе си перманентно, сите вакви акти исчезнуваат со неа. Ако успее (sic) и ако биде признаена, нејзините акти од почетокот на постоењето се сметаат како акти на независна држава“.
Во книгата „Создавањето на државите во меѓународното право“, Џејмс Крофорд сугерира дека не постои меѓународно признато право на отцепување и дека сецесијата е легално неутрален акт. Но, не е така. Како што вели Александар Павковиќ во својата книга (со Петар Радан) „Создавањето нови држави – теорија и практика на сецесијата“, „универзалното законско право на самоопределување го опфаќа универзалното легално право на отцепување“.
Албанците на Косово се народ според одлуките на Бадинтеровата комисија. Но, иако тие населуваат строго дефинирана и демаркирана територија, нивната земја е во рамките на границите на постоечка држава. Во оваа стриктна смисла, нивната унилатерална сецесија навистина воспоставува преседан: таа е насочена против територијалното дефинирање на народите како што тоа е вметнатно во Повелбата на Обединетите нации и конвенциите кои следуваат потоа.
Сепак, генералната насока на меѓународното право (на пример, како што се интерпретира од страна на канадскиот Врховен суд) дозволува државата да биде составена од повеќе народи и нејзините културно-етнички конституенти да имаат право на самоопределување. Со ова му се дава предност на концептот од 19 век на хомогена нација-држава пред францускиот модел (цивилна држава на сите граѓани, независно од нивната етничка или религиската припадност).
Павковиќ тврди дека, според членот 5 на Декларацијата на Генералното собрание на Обединетите нации за принципите на меѓународното право кои се однесуваат на пријателските односи и соработката помеѓу државите во согласност со Повелбата на Обединетите нации, правото на територијален интегритет има предимство пред правото на самоопределување. Оттаму, ако државата е составена од повеќе народи, нејзиното право да го воспостави својот територијален интегритет и да избегне распаѓање е над сите други права, а со тоа и над правото на нејзините конститутивни народи да се отцепат.
Но, со правото на територијален интегритет располагаат само: „Државите кои се однесуваат во согласност со принципите на еднакви права и самопределување на народите… и тоа право го има владата која го претставува целиот народ кој живее на територијата без оглед на расата, религијата, или бојата на кожата“. Југославија во времето на Милошевиќ не го положи тестот на третманот на албанското малцинство во рамките на нејзините граници. Албанците беа граѓани од втора класа, бесрамно исмејувани и дискриминирани во секоја смисла на зборот.
Затоа, според членот 5, Косоварите имаа јасно право за унилатерална сецесија. Но уште во 1972 г., Меѓународната комисија на правниците во извештајот под наслов „Настаните во Источен Пакистан, 1971 г.“, запиша: „Принципот на територијален интегритет е предмет на исполнувањето услови според кои владата ги почитува принципите на еднакви права и навистина го претставува целиот народ без остаток. Ако на еден од конститутивните народи на државата му е негирано правото на еднаквост и е дискриминиран…. неговото целосно право за самоопределување се обновува (стр. 46)“.
Четвртина век подоцна, Врховниот суд на Канада одлучи дека (Квебек, 1998): „Меѓународното право на самоопределување, во најдобар случај само генерира право на надворешно самоопределување во ситуации… каде што на одредена група и се оневозможува значаен пристап до власта за да го оствари својот политички, економски, социјален и културен развој“.
Во својата книга „Самоопределувањето на народите: правна проценка“ Антонио Казесе го сумира следниот исклучок од правото на територијален интегритет што го уживаат државите: „Кога централните власти на една суверена држава постојано одбиваат да и дадат партиципативни права на религиска или расна група, во голем обем и систематски ги газат нивните основни права и оневозможуваат да се постигне мирно решение во рамките на државната структура… расната или религиската група може да се отцепи… штом стане јасно дека сите обиди да се постигне внатрешно самоопределување не успеале или се осудени на неуспех“. (Стр 119-120).
СЛУЧАИТЕ НА КОСОВО И ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА
Во поранешна Југославија (СФРЈ), Косово беше автономна покраина во рамките на Социјалистичка Република Србија. Албанците во Југославија не беа признаени како народ, туку само како народност. Во јануари 1990 г. Уставниот суд на СФРЈ секоја унилатерална сецесија од југословенската федерација ја прогласи за илегална. Правото на отцепување им припаѓаше на народите на Југославија и на нивните социјалистички републики (и автономни покраини).
Косово беше автономна покраина, но Албанците не беа народ. Навистина, во една подоцнежна одлука, постапувајќи специјално по првата декларација за независност на Косово, Уставниот суд се изјасни: „Само народите на Југославија имаат право на самоопределување“.
Западна Македонија отсекогаш била интегрален дел на Република Македонија во рамките на СФРЈ. Таа никогаш не добила статус на автономна покраина, а не пак на република. Албанците во Македонија се малцинство. Тие се добро претставени во власта, во полицијата, во судството и имаат еднаков пристап до образованието и државните институции. Нивните права се гарантирани со бројни уставни, законски и меѓународни инструменти. Тие не би имале на што да се потпрат доколку изберат унилатарално да се отцепат од Македонија (на пример, за да се присоединат кон Косово).
Меѓутоа, Албанците од западна Македонија можат успешно да се отцепат од Македонија со преуредување на границите помеѓу Србија, Косово, Албанија, Македонија и можеби Грција и Бугарија. Тешко е да се поверува дека Македонија ќе го пречека со раширени раце таквиот чекор, но таа би можела да биде принудена од страна на меѓународната заедница премолчано да го прифати. Македонија со сила беше принудена да го потпише Охридскиот рамковен договор во 2001 г. Нема гаранции дека ова сценарио нема да се повтори.
Затоа, Македонија итно треба да презе ме чекори за да ја промени демографската слика на своите западни територии. Ова не е без преседан. Израел го направи истото на својата северна територија (Галилеја), како и Полска со своите територии во рамките на границите на Украина, Германија на истокот и САД на својот див Запад. Македонија треба да понуди економски поволности секому кој би сакал од другиот дел на нејзината територија да се пресели на запад: работа, бесплатна земја и земјоделски погодности, дотации, поволни кредити од државата, платено домување, инфраструктура и образовни можности. Исто така, Владата би требало да размисли за преселување на повеќето од своите министерства, агенции и други капацитети од Скопје во западна Македонија.