Анонимус кој стана помоќен од Георгиевски

by Фокус 16:56
16:56

Текстот е објавен на 23. март 2001 година во 301. број од неделникот „Фокус“

Деновиве паѓаат маските. Директорот на Царинската управа, Драган Даравелски, инаку клучен човек во извршната власт задолжен за контрола на сите криминални бизниси на ВМРО-ДПМНЕ, чека да види каква ќе биде разврската од пресметката со терористите. И размислува. Дали да ја „здувне“ сега, без ризик или да причека уште малку, но, со многу ризик да дочека обелоденување на неговите „деловни“ врски со мафијашките структури од Косово.

Пишува
Антим ВЕЛИНОВ

- Advertising -

Мислите ли, дека чисто случајно, министерката Доста Димовска (покрај Стојан Андов) била најголемиот поборник за одржување на власт по секоја цена во моментите, кога и на самиот Љубчо Георгиевски му станало јасно дека е потребна влада составена со сите парттии во Парламентот? Мислите ли, дека сосем случајно молчи Крис Патен? Мислите ли, дека туку така, како да пропадна в земја, исчезна и Хозе Мануел Пинто Тешеира?

Не драги мои. Сосема намерно, кога веќе немавме сила сами да се справиме со нашата домашна мафија вгнездена во извршната власт, по директива на меѓународните институции за борба со организиран криминал, бевме забележани како земја која заслужува третман на непоправлив случај.

Изгледа дека не ни беше доволно што веќе два и пол месеци Европа ја тресе аферата „Прудентино“ и изгледа дека не ни беше доволно што најугледните и највлијателните европски медиуми застанаа на страната на законот и на страната на итното справување со меѓународниот шверц со цигари. Малку ни беше изгледа и минатогодишното едномесечно интензивно повеќе од аргументирано пишување, дека шверцот на цигари од Македонија на Косово и понатаму кон Црна Гора и обратно, еден ден ќе ни дојде до глава.

Георгиевски, Димовска и Даравелски во целата шема (инаку организирана и испланирана на повисоко меѓународно ниво) предвидоа само еден клучен момент. Затоа со Патен, Тешеира и нивните европски шефови, нашите домашни властелини го предвидоа падот на Милошевиќ, а особено настаните што следуваа и следуваат сѐ уште.

ПРОДУЦЕНИТЕ РЕШИЈА ДА СТАВАТ НОВИ ГЛУМЦИ

Споменативе, а и многу околу нив, имаа „снимено“ филм во нивните глави, во кој Милошевиќ уште дваесетина години ќе пружа отпор и ќе биде дежурниот за сите наши локални балкански несреќи. Во тој филм, заедно со Хашим Тачи, Јакуп Красниќи и со Мило Ѓукановиќ требаше уште долго да „играат“ жртви на кои на сите глупости што ќе ги направат, Европа ќе им гледа низ прсти.

Арно ама, филмот заврши. Дојде нов продуцент, го смени сценариото од корен. Негативецот Милошевиќ си замина, а на негово место, новиот продуцент намести повеќе Срби, позитивци (екипата од ДОС). Одеднаш, т.е. преку ноќ Мило, Јакуп, Хашим, Доста, Љубчо и „Дрде“ се најдоа во нови улоги.

Од фактори на стабилност, станаа главни фактори на нестабилност. Од сите нив, за потребите на овој серијал текстови кои ќе ги читате во следните неколку изданија на „Фокус“, ние се решивме да ви ги обелодениме сознанијата за некрунисаниот крал (или самопрогласен) крал на шверцерскиот бизнис со цигари во Македонија. Драган Даравелски – Дрде.

За да не се повторуваме и повторно да пишуваме за едни те исти работи кои на јавноста добро ѝ се познати, во ова продолжение ќе се обидеме сосема накратко да ве воведеме во тајните на метеорскиот успех на Даравелски, човек кој за три години го помина патот од тотален анонимус до главната алка во извршната власт, без која девизната „среќа“ на Љубчо и на Доста би била многу помала.

1999 – КЛУЧНАТА ГОДИНА ЗА МОЌ И ЗА МНОГУ ПАРИ

Во ВМРО-ДПМНЕ за Даравелски слушнаа по неговото насилно и лажирано поставување на координаторското место во ОК на оваа партија во Куманово, во април 1997 година. Пред тоа, ниту бил член на партијата ниту тоа го интересирало, а единствена врска со неа бил татко му, Томислав Стојаноски Даравела.

Со демонстрација на моќ, Даравелски стартува веќе во изборната кампања 1998 година, кога покрај кампањата на послушниот (и тогаш и ден денес) Чедо Краљевски, се обидува да го контролира и штабот на пратеникот Ненад Ристевски. Откако од незгодниот Ристевски добива „нога“, Даравелски паузира до крајот на изборите, кога со татко му Томе Далавера им соопштува на своите сопартијци дека дошло до „Промени“, дека власта е освоена и оти немаат намера со „интелектуалци-малоумници“ да прават никакви стручни кадровски листи, туку дека исклучиво тие двајца, ќе именуваат и разрешуваат директори и началници.

Сѐ што се случи потоа, е историја.

Ристевски и неговите истомисленици од партијата уште во декември 1998 година поведоа постапка за спречување на стапувачкиот хаос, но до Георгиевски („заради презафатеност“) не можеа да допрат се до мај 1999 година, а сите писмени обраќања до врвот на партијата, редовно и организирано беа спречувани да стигнат на вистинското место, од страна на тогашниот формален шеф на кабинетот на Георгиевски, Филип Петровски и од луѓето на Димовска.

Во меѓувреме, целата кумановска екипа, уште од тоа време подготвувана за она што ќе следи, а кое на некој начин може да се нарече институционализирање на организираниот криминал беше во континуитет наградувана со привилегии.

Томе Далавера стана потпретседател на Собранието, Чедо Краљевски претседател на комисијата за избори и именувања, а Филип Петровски и Ѓулистана Марковска, заседнаа во повеќе управни одбори на јавни претпријатија. Конечно, главниот човек на Доста Димовска и нејзин миленик Драган Даравелски, можеше да здивне.

Во февруари 1999 година, заседна во директорската фотеља во Царинската управа. Од тогаш, ни Свети Љубчо Георгиевски не му може ништо. Велат дека само Димовска тука може нешто да стори. Но, таа не го постави за да го менува, туку за да оди бизнисот. Потоа, се случи она што се случи.

ВМРО-ДПМНЕ по конгресот во Струмица се распадна како партија и се трансформираше како акционерски друштво кое се занимава исклучиво со организиран криминал. На повеќето интересни сфери, а особено на најпрофитабилната, онаа тутунската, око фрлија Доста Димовска и Драган Даравелски.

Иако и „Благовестие“ подолго време ја имаше иницијативата и предноста во трката по превласт над трите македонски тутунски комбинати, сепак нашите сознанија говорат дека Даравелски успеа да ги „купи“ главните послушници на контралобито и да ги преведе на своја страна.

Во прилог на моќта на Даравелски, говори и фактот дека преживеа и две изборни катастрофи во Куманово. Остана главен играч и покрај поразот на Трајковски во Куманово на претседателските (најголем во Македонија), и уште поголемиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, лани.

Иако, нашите извори блиски до премиерот Георгиевски, тврдат дека Љубчо веќе подолго време размислувал за смена на Даравелски и за пресметка со неговото самоволие, на тој пат се испречил проблемот со создавање на ново парламентарно мнозинство, кога за опстанок на власт на Љубчо му требаше секој пратенички глас и кога цената за една пратеничка „проститутка“, достигна вртоглави височини.

Токму тука, наводно, Љубчо бил фатен во шах-мат позиција од страна на Томе Далавера и син му Драган Даравелски, кои, што сами, што со помош на Доста Димовска, директно или индиректно, контролираат 11 пратеници.

ТАНУШЕВЦИ ПУКНА ЗАРАДИ ОТКРИЕНИОТ ШВЕРЦ СО ЦИГАРИ?!

Шемата била едноставна. Таму каде што требало притисок и закани, настапува и Томе Далавера, човек, кому ништо не му било тешко, ниту на Љубчо да му го прави истото. Ако Томе заглавел, на сцена стапувале ветувања на функции, во име на Доста. „Најжилавите“ пратеници, а таквите меѓу овие 11 ги има најмногу, попуштале дури по средбите и разговорите со Драган Даравелски. „Банката“ е во него и по сила на „аргументите“ пратениците лесно биле убедувани.

За читателите на „Фокус“, во оваа прилика ексклузивно го објавуваме целиот состав: Чедо Краљевски, Томислав Стојавнски – Далавера, Ѓулистана Марковска, Филип Петровски, Владо Сугаревски, Александар Трпевски, Ванчо Панчев, Трајко Гешовски, Аслан Селмани, Хисни Шаќири и главната ѕвезда Амди Бајрам.

Клучната фигура и најекспонираниот пратеник во ова време на создавањето на НПМ, Амди Бајрам, е „пазарен“ токму од оваа екипа и тоа токму, откако со него „поразговарала“ неговата некогашна сонародничка, сега преобратена, Ѓулистана Марковска, заедно со Даравелски и со Стојановски.

Како и да е, Даравелски го преживеа и овој турбулентен период и од него излезе посилен, од кога и да е порано. Неверојатно збогатен во меѓувреме, ставајќи го под контрола комплетниот шпедитерски и транспортен бизнис во државата за нецели две години, згора вооружан со голема политичка моќ и контрола на ситуацијата со помош на огромни финансиски средства „спечалени“ од шверц на цигари кон и од Косово и од шпедицијата, Даралевски до моментот на почетокот на кризата кај Танушевци, стана главниот играч во тажната приказна за девастација на државата.

Стана главниот заштитник на македонските криминалци регрутирани од подземјето, желни за лесно заработена пара и моќ која со неа доаѓа сосема природно. Најголемиот број од нив, Даравелски ги вработи или директно во Царинската управа или во јавните претпријатија под негова контрола. Добар дел од овој џган заврши и во полицијата, а оние за кои процени дека се малку пописмени од обично, ги „вдоми“ во неговата шпедиција „Комтех“.

На раководните функции по овие истурени „деловни“ единици, Даравелски постави исклучително послушни и бескруполозни „војници“, кои без исклучок во својата работна биографија имаат податоци за поранешни судири со законите, за проневери, за кражби, за измами и слично.

Откако му појде од рака, со силна подршка на Доста Димовска и нескриено задоволство кое бликаше од лицето на премиерот Георгиевски, Даравелски можеше да тргне во акција.

Неговиот рехабилитационен центар за екс и сегашни криминалци, можеше да биде ставен во погон. И не само тоа и не случајно, „погонот“ беше насочен најмногу кон бизнисот со цигари, кој за разлика од нарко-бизнисот, може полесно да се маскира со легална рамка, а носи огромни суми пари.

Во оној момент, кога Георгиевски помисли дека Даравелски е негова најдобра инвестиција и човек од доверба, пукна во Танушевци.

Со посетата на „А1 ТВ“ на Танушевци и нивната констатација дека границата не е чувана ниту од страна на Косово ниту од наша страна, проблемот со пресметката со терористичките групи комбинирани со Албанци од Косово и од Македонија, од шверцерски, стана политички.

Нашите извори, добро информирани за патот на шверцуваните цигари, тврдат дека Танушевци всушност била главната база или транзитна точка, преку која цигарите (произведени во македонските тутунски комбинати) кои без контролни маркици ги купуваме на македонските зелени пазари, се враќаат во Македонија.

Во следното издание на „Фокус“, ексклузивно ќе ви ја прикажеме комплетната шема на шверц бизнисот со цигари во Македонија, со точните локации преку кои е организиран шверцерскиот ланец, со имиња на главните актери и со лоцирана одговорност на раководствата на македонските тутунски комбинати, дебело инволвирани во целата шема.

Поврзани новости