Дали зад посетата на Коѕиас на Македонија се крие грчка поддршка за ВМРО-ДПМНЕ?

by Фокус

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Посета на друга држава непосредно пред избори значи поддршка на актуелната политика, бидејќи во спротивно не би дошло до таква посета, вели за Фокус првиот министер за надворешни работи на независна Македонија Денко Малески, коментирајќи ја денешната посетата Македонија на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, која доаѓа непосредно пред изборите што најверојатно ќе се оддржат во декември.

– Како е тоа можно кога тоа е онаа власт која „го краде грчкото културно и историско наследство и која што манифестира иредентизам“. Можно е затоа што во политиката, за разлика од економијата, два и два не се секогаш четири туку може да бидат и пет. За застојот во нашите евроатлантски перспективи, грчкиот министер на неверојатно срдечните заеднички средби со својот македонски колега, обвини „некои други“ во Македонија и го амнестира претставникот на актуелната власт седнат до него, а македонскиот, во еден момент како да рече – па ние сме браќа – посочува Малески.

Според него, двете страни поаѓаат од минималистички позиции, така што грчкиот интерес да се соочи со спорот за името по најмала политичка сцена, а македонскиот интерес е да не се откаже од античката авантура, без притоа ниту една од нив драматично да се отвори кон конечно затворање на овој децениски проблем.

Инаку, предвидено е Коѕиас да се сретне со премиерот Емил Димитриев, како и со неговиот македонски колега Никола Попоски. Ова е негова втора посета на земјава по само една година неговата претходна посета, која всушност беше прва посета на грчки министер за надворешни работи на Скопје по период од 10 години. Во меѓувреме, и Попоски оствари официјална посета на Атина, во рамки на иницијативата за градење на мерки на доверба меѓу двете соседни држави, кои, според познавачите, би требало да создадат амбиент за решавање на спорот за името кога ќе се создадат политички услови.

Мерсељ Биљали, универзитетски професор, смета дека засилена комуникација меѓу македонската и грчката држава претставува обид да поправање на односите меѓу двете соседни држави, кои, според него, беа нарушени со процесот на антиквизација во земјава, што, пак, резултираше со блокада на нашите евроинтеграции од страна на Атина.

-Владата на Никола Груевски свесно влезе во процесот на антиквизација за да ипровоцира реакција и блокада од Грција прво во НАТО, а потоа и во ЕУ. Тоа покажува дека нејзината цел тогаш не биле евроинтеграциите, туку нешто друго. Сега, откако „бомбите“ ја разобличија и компромитираа власта, таа се обидува на секој начин да ги ублажи штетите, па и преку зближување со наводниот непријател – ни изјави Биљали.

Извор од Министерството за надворешни работи коментира дека дури и да постои искрена политичка воља кај двете страни, моментално нема поволен терен за конечно надминување на спорот за името, бидејќи за тоа потребено и во двете држави да има свежо избрани влади со силни и чисти мандати.

-Во Македонија допрва се очекуваат избори на кои треба да се избере влада со нов летигимитет. Воедно, двете држави ги оптоварува мигрантската криза, која моментално е ставена под контрола, но по затворањето на границите бегалци останаа затворени во двете земји, а целата ситуација може да се искомплицира доколку се изјалови договорот меѓу Турција и ЕУ и бегалците сместени во оваа држава тргнат кон ЕУ. Исто така, Грција се уште се соочува со последиците од финансиската криза – објаснува нашиот соговорник.

 

 

Поврзани новости