Свежи ни се сеќавањата на сообраќајката што ја предизвика Зоран Милевски- Кичеец, за билбордите со кумановката Јелена Филиповиќ на кои пишуваше ,,возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена”, како и сообраќајката кај Млечен ресторан во Скопје, каде загина возачот на мотор, а неговата сопруга го изгуби бебето. Последна во низата несреќи е и таа во Охрид кога починаа две момчиња, а возачот доби условна казна што ја поттикна јавноста и институциите за сериозна дебата на недоследните и мали казни за причинителите на несреќите.
Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, па и децата и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозени групи учесници во сообраќајот, според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во просек има по 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди годишно, при што повеќе од 50 отсто од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години.
Засилените контроли на МВР покажуваат евидентно намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат и како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви, 2020 година е година со најмал број на жртви 125.
И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто.
Сепак овие случаи заглавуваат во системот на правосудните органи, порцесите траат долго, вештачењата многу често се спорни, а крајниот резултат се благи казни за сторителите. Во што е проблемот, дали имаме нефункционални закони, или пак има пропусти во правната постапка, дали пресудна е финансиската состојба на сторителот се прашањата кои најчесто си ги поставуваат граѓаните, но резултатот е секогаш ист, шокантно ниски казни и еден куп изговои.
ДКСК со сериозна загриженост за благите казни за сообраќајните незгоди
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска пред почетокот на одржувањето на седницата изрази сериозна загриженост, за изрекувањето благи казни за сторени тешки кривични дела, особено во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
-Се почесто, како што бевме сведоци, има една правосудна пракса на изрекување благи казни за сторени тешки кривични дела особено во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и тоа со тешки последици. ДКСК јавно ја изразува својата сериозна загриженост и ги повикува надлежните органи, а тоа се Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да постапат во рамките на своите надлежности и да преземат соодветни мерки. Очекуваме овие органи сериозно да се позанимаваат со постапувањето на обвинителите и судиите, особено со последниот случај за обвинетиот Кичеец каде што е изречена преблага казна по спроведеното спогодување на обвинителот со обвинетиот и тоа под законскиот минимум за тешко кривично дело со смртни последици, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Вештите лица си земаат улога на судии
Според адвокатот Јанаки Митровски, кој работел на повеќе предмети со сообраќајни незгоди, проблем не се законските решенија туку нивната погрешна примена.
-Македонските судии предолго оставаат и преширок простор на вештите лица, особено кога се работи за сообраќајни незгоди, со што сообраќајните вештаци добиваат улога на судии. Да не заборавиме дека формално судот не е обврзан да го прифати вештиот наод и мислење особено ако тој е во контрадикторност со материјалните докази, појаснува тој за „Фокус“.
Во однос на благото казнување според него вината е субјективна. Серија сообракајни незгоди со смртни последици резултирале со бенигни казни, па и такви под законскиот миимум.
-Последните две се еклатантен пример за тоа- сообракајката во Охрид каде на две починати лица и три со тешки телесни повреди, мое правно мислење е дека казната требаше да оди помегу три и четири години затвор. Зашто се одлучило со алтернативна мерка е прашање за судот, и секако сообракајната незгода на Зоран Милевски Кичеец каде на скандалозен начин се изврши прекфалификација на делото од умисла во небрежност. Притоа обвинителството се вади на вештачењето што е нон сенс бидејки се работи за правно прашање, вели Митровски.
Да е работата потрагична Кичеец доби казна под законскиот минимум.
Според Митровски услов за некој да добие санкција под законскиот минимум е да има вонредно олеснителни околности.
-Такви околности не само што нема, туку се работи за осудувано лице кое делото го врши додека е на отпуст поради здравствени причини, а извршуваа сообраќајка со смртни последици, вели тој.
За Митровски казната од шест месеци е интенционална.
-Не се седум, не се девет од проста причина затоа што затворските повратници(каков сто е Кичеец) до вчера за секоја казна над шест месеци ќе го сместеше во одделение од полуотворен тип, какво што нема во Струга. Со други зборови, ќе си ги одлежи на плажа. Најсовесно тврдам дека во предметот на Кичеец има многу работа за органите на прогон.
Маричиќ најавува ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“
Министерот за правда, Бојан Маричиќ утринава на барање на „Фокус“ даде свое видување дали се потребни измени на Кривичниот законик во однос на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Тој најави дека се работи на воведување на ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“.
-Сакам да ја информирам јавноста дека во рамките на Работната група на Министерството за правда за изготвување нов Кривичен законик вградуваме ново кривично „Безобзирно управување со моторно возило“ за што се пропишува затворска казна и до 3 години, а доколку има смртни последици казната најмалку 4 години затвор, објаснува Маричиќ.
Во однос на ублажувањето на казните и условна осуда за тешки дела во сообраќајот министерот ќе иницира дебата во рамките на Работна група и тоа во однос подобрување на законските решенија и елиминирање на можните злоупотреби во ова насока, како и анализа на примената на постојните одредби од страна на судовите и Јавното обвинителство, во однос на кривичните дела поврзани со загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Соња Танеска