Дали ураганот на Ахмети ќе ги издува „огнените“ во нова партија?

Се ближи епилогот од бунтот што „Огнената група“ го крена во ДУИ, чиј последен чин треба да се одигра претстојниот викенд во Мала Речица. Засега, Али Ахмети ја држи страната на Артан Груби, но сѐ уште постои дилемата дали ќе опстои на овој став до крај или сепак ќе се откаже од Груби, како што своевремено крена раце од Муса Џафери? Исто така, виси во воздух уште едно прашање - дали „огнените“ ќе влезат во сценарио за формирање нова партија на чело со Изет Меџити, кој би ја обединил албанската опозиција?

by fokus

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

И покрај инсистирањето на „Огнената група“ предводена од Изет Меџити, првиот вицепремиер Артан Груби да биде отстранет од владата, лидерот Али Ахмети, сепак, не попушта.

Па, ако на почетокот „огнените“ своите пораки не ги насочуваа кон Ахмети, а тој беше нежен во изјавите, сега работите се менуваат.

Митингот во Чаир беше показател на разгорувањето на битката и најави дека „Тој доаѓа“. Но, не дојде премиерот-Албанец, туку дојде Ахмети ураганот. Иако директно не ги спомена „огнените“ во својот говор, јасна беше порака што им ја испрати.

– Во последно време некои се лутат, но кај мене нема враќање назад! Ги почитувам одлуките на мнозинството од партиските тела, но не можам да излезам од патот трасиран со крв и вредности. Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз, туку незапирлив ураган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува – директен беше лидерот.

Веднаш следуваше реакција од „огнените“, кои ваквата реторика ја споредија со онаа на Мендух Тачи, кој своевремено им најавуваше „касапаана“ на сите што ќе се осмелат да излезат на избори.

Инаку, за сабота е најавена нова седница на Централното претседателство, на која ќе се дискутира за барањата на групата предводена од Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери, Невзат Бејта и други видни партиски лица. На оваа седница се очекува многу работи да станат појасни.

Според висок партиски функционер, Ахмети е исправен пред две опции. Дали, сепак, да го жртвува Груби како што своевремено направи со другарот од детството Џафери, во обид да го обнови внатрепартиското единство, во време кога трпи критики за Груби не само од „огнените“, туку и од други партиски структури.

Или, пак, да опстои до крај во ставот за поддршка на првиот вицепремиер, со цел да не покаже слабост, но и да купи дополнително време за да се затворат некои други почнати проекти од страна на владата, каде Груби е главен играч.

Доколку Ахмети се определи за втората, според сите најави, поизвесна опција, тогаш практично „огнените“ се туркаат кон сценарио за формирање на нова политичка партија, што би било исклучително комплексна операција со многу непознати.

Иако досега незадоволната група беше на ставот дека не сакаат да формираат нова партија, туку да ја демократизираат ДУИ, со последниот ладен туш од Ахмети, работите се менуваат.

Во насока на тоа дека веќе е започнат процесот на мерење мускули, односно рејтинзи е и последното истражување кое го објави телевизија „Алсат М“.

Според анкетата, Меџити е рангиран на третата позиција во групата политички лидери од албанските партии со позитивно мислење од 43,5 отсто од анкетираните. Пред него се само Ахмети со 48,9 отсто и Арбен Таравари со 46 отсто.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости