Асоцијацијата на Ивент Индустријата ИВАП, основана во 2020 година од повеќе компании вклучени во индустријата за организација на настани, рентал компании, видео-аудио продукции, реагира кон последните случувања во дел од угостителските објекти каде очигледно и бескрупулозно се кршат сите протоколи и препораки
за заштита од Ковид 19.
„Прашуваме, како е возможно да се дозволат овие музички настани, зошто не се спречени за да се намали евентуално ширење на вирусот туку отпосле се пишуваат казни и се поднесуваат кривични пријави за кои никој од нас не знае дали имаат завршница? Дали Владата е свесна дека со премолчувањето и несанкционирањето на ваквите појави директно влијае на уништување на цела една индустрија во државава, а тоа се организаторите на
настани, промоторите, културните работници? Зошто Владата и надлежните доволуваат за некого да се мајка а за некого маќеа? По кој член од протоколот за организација на настани работат угостителските објекти? Зошто на културните настани е дозволено само седење и со 30% исполнетост на капацитетот а во угостителските објекти овие правила не важат? Имаме право, како Асоцијација да знаеме како се исплатени хонорарите на странските артисти
кои настапуваа изминатиов период и дали и каде е платен персоналниот данок? Дали се пријавуваат влезници за настаните и дали за нив е платен ЗАМП од 10%? Дали и како се продаваат влезници и дали за нив е платен ДДВ од 18% Дали и колку се издаваат фискални сметки на пијалоците за време на овие настани? Дали угостителскиот сектор, кој Владата го декларираше како најзагрозен станува најзагрозувачки?“, прашуваат од ИВАП.
Оваа реакција следува откако без дистанца и маски, синоќа во угостителскиот објект „Мош“ во Скопје се одржа настап на српскиот пејач Владо Георгиев.