Фолк пејачката Тања Блажева од Штип, која што го очекува своето прво дете е во шок и неверување откако ги видела фотографиите од штипскиот оддел за гинекологија и салата за раѓање. Вели дека по никоја цена не би го родила своето дете во услови како од пред неколку века, а јавно сакала да го праша министерот за здравство, Никола Тодоров, дали тој би ја испратил неговата сопруга да роди во Клиничката болница во Штип.
,,Во седмиот месец од бременоста сум, и нормално дека сакам да се породам во нормални и цивилизирани услови, во институција каде што пред се, хигиената е на завидно ниво. Но од она што беше објавено во медиумите за одделот за гинекологија во болницата во мојот роден Штип, нема никакви шанси да раѓам таму! Со еден збор – Ужас! Таму нема никакви услови за раѓање, според она што се гледа на фотографиите, а жално е што нашата болница е центар за источна Македонија, со многу школи и студенти. Затоа отворено би ги запрашала надлежните, посебно министерот за здравство Никола Тодоров, дали вие министре би ја пратиле вашата сопруга да раѓа во штипската болница? Дали било кој откако ги видел овие фотографии на кои што јасно се гледа состојбата на родилиштето, со искинати чаршави, рѓава вага за бебиња, боксови и друга опрема како од некој хорор филм, би ја пуштил со мирно срце својата сопруга да раѓа таму?,, – прашува Блажева. Таа додава дека по сето она што го видела во болницата, се смета себеси за среќна што може да си дозволи да посетува приватна клиника за гинекологија за време на бременоста.
,,Јас одам на прегледи во приватна клиника во Штип каде што условите се на ниво, идните мајки се чувствуваат добро и се гледа дека некој искрено се грижи за нив,нивните сеуште неродени бебиња и пред се за нивното здравје. Но се прашувам што е со оние идни мајки кои што не можат да си дозволат посета и породување во приватните клиники, дали нивниот живот и животите на нивните бебиња се помалку вредни од оние кои што можат да си платат достоинствено раѓање? Познавам неколку од докторите кои што работат во Клиничката болница во Штип и можам да кажам се работи за навистина добри доктори, но колку и да се тие способни, се им е џабе кога се принудени да работат во мизрени услови,, – изјави Тања.
Таа и нејзиниот сопруг, српскиот фолк пејач се радуваат исчекувајќи го своето прво дете. Вели дека и тој сака неговото семејство да има здравствена нега каква што заслужува секој човек во дваесетипрвиот век, па затоа уште на самиот почеток на бременоста решиле да ја препуштат грижата на приватна клиника, а по веста за условите во штипската болница, само се потврдило дека ја донеле вистинската одлука.
Блажева е присутна на сцената околу десет години и е позната по песните ,,Лепотица права,, ,,Дечко не губи време,, ,,Време за љубов,, и други. Моментално снима две нови песни за српскиот пазар, а во Србија ја нарекуваат македонска Сека Алексиќ.