Дали Тачи ќе ја спасува владата ако Села се обиде да ја урне?

by Фокус

ДПА одбива да одговори на прашањето дали двајцата пратеници од оваа партија – Мендух Тачи и Бардуљ Даути, ќе станат дел од парламентарното мнозинство што ја поддржува владата на СДСМ и ДУИ, доколку Зијадин Села ги оствари заканите за напуштање на владата ако набрзо не се донесе новиот закон за јазици.

Фокус стапи во контакт со пратеникот Даути, кој одби да одговори на нашето прашање, упатувајќи не да се обратиме кај Луан Треси, шеф на кабинет на лидерот Тачи. Меѓутоа, Треси ниту одговараше на телефонските повици, ниту одговори на нашето прашање испратено преку смс-порака.

Откако Села повтори дека ќе ја напушти владата доколку во рок од 100 дена од нејзиното формирање, кој истекува на почетокот на септември, не се донесе новиот закон за јазици, реагираше Весел Мемеди, кој јасно нагласи дека не планира да го следи таквиот чекор на неговиот соработник.

Инаку, Села и Мемеди, како лидери на ДР-ДПА и НДП, се дел од коалицијата Алијанса за Албанците, заедно со Унитети предводена од Гзим Острени, која заеднички освои 3 пратеници на парламентарните избори, што се покажаа клучни за формирање на актуелната влада со парламентарно мнозинство од 62 пратеници, или само еден повеќе од минимум потребните 61.

Третиот пратеник од оваа коалиција е Сурија Рушиди, кој важи за близок соработник на Села, со оглед дека беше дел од администрацијата на Општина Струга во периодот кога градоначалник беше првиот човек на ДР-ДПА. Оттука, ако дојде до ситуација Села и Рашиди да ја напуштат владата, тоа значи дека таа ги го загубила парламентарното мнозинство.

Имајќи во предвид дека со исто толку пратеници располага и ДПА, се појавија информации дека двајцата пратеници од оваа партија би можеле да ја спасат владата доколку се јави таква неопходност, особено откако Тачи се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со премиерот Зоран Заев, со кои, меѓу другото, разговарал и за престојните локални избори.

Дали воопшто ќе се отвори простор и потреба за такви разврски и комбинации, ќе зависи од тоа кога ќе биде усвоен законот за јазици, што, пак, зависи кога Венецијанската комисија ќе се произнесе дали предложениот нацрт-текст од владата е во склад со Уставот, за да не се случи подоцна да биде оспорен пред Уставниот суд.

Веќе пишувавме дека СДСМ и ДУИ се на различни позиции околу тоа дали е уставен членот кој што се однесува на изгледот и јазикот на кој треба да бидат напишани книжните и кованите пари, хартиите од вредност, поштенските марки, фискалните извештаи, но и униформите во полицијата, одбраната, здравството…

В.С.

Поврзани новости