Како гласи спорниот дел од законот за јазици околу парите и униформите?

by Фокус

Владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ имаат одредени несогласувања во однос на новиот закон за јазици што се однесува на изгледот и јазикот на кој треба да бидат напишани парите и други документи, но и униформите во полицијата, одбраната, здравството…

Како што велат добро упатени владини извори, додека социјалдемократите тврдат оти измените во овој сегмент се надвор од уставните рамки, интегративците сметаат дека тие не отстапуваат границите што ги пропишува највисокиот политичко-правен акт.

Токму затоа, законот за јазици прво ќе оди пред Венецијанската комисија, за да не се случи подоцна да биде оспорен пред Уставниот суд од ВМРО-ДПМНЕ или од друга страна, па одредени негови делови да бидат укинати.

Фокус дојде до верзијата за закон за јазици околу која преговарале партиите на Зоран Заев и Али Ахмети, во чии рамки се содржи и спорниот член што се однесува на книжните и кованите пари, хартиите од вредност, поштенските марки, фискалните извештаи, униформите…, кој, дословно пренесено, гласи:

„Книжните и кованите пари, хартиите од вредност, поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи идадени од институциите, фактурите од институциите, бандеролите, се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Униформите на полицијата, одбраната, пожарникарството, здравството во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо“.

Инаку, неодамна ја објавивме и драфт-верзијата за нов закон за јазици од неуспешните преговори формирање на влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, според која поранешните коалициски партнери предвиделе двојазични униформи во полицијата и здравството, но не и во пожарикарството и одбраната, додека воопшто не се опфатени парите и сл.

Со исклучок на спорниот дел за парите, униформите и сл., кои ќе се знае дали ќе се влезат во новото законско решение по препораките дали тоа е во склад со уставот или не, новиот закон за јазици ќе биде скоро идентичен со оној што го договорале Ахмети и Никола Груевски.

За потсетување, во него стои дека на целата територија на РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо во повеќе области.

Покрај македонскиот јазик, уште се наведува дека службен јазик е јазикот што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните во РМ во сите органи на државната власт во РМ, централните инстиуции и други јавни претпријатија, установи, организации и правни лица што вршат јавни овластувања.

В.С.

 

Поврзани новости