Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Зад решетки заврши Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, за кој „Фокус“ уште од пред два месеца, поточно веднаш по страшниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ пишуваше дека е вистинскиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Оваа агенција, кобниот 16 март ја обезбедуваше свирката на ДНК, кога загинаа 62 млади лица и повеќе од 200 беа повредени.
Како и секогаш, и по традиција, фирмата има свој сопственик и управител што фигурира на хартија, но затоа, пак, во заднина конците ги влече некој друг. Таков беше и случајот со Нацев и неговата индиректна улога во компанијата за обезбедување, која за краток период разви своја бизнис-мрежа.
Тој, на секој можен начин се оградуваше од лична поврзаност со агенцијата за обезбедување, па уште следниот ден по кобната вечер ја тргна својата насловна фотографија со знакчето на „Рубикон“ од својот личен фејсбук-профил, а веднаш се огради и преку статус дека нема никаква допирна точка со истоимената фирма. Сето тоа биле обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени. Но, што испадна на крај?
,,Фокус“, уште пред два месеца објави дека Нацев е тајниот сопственик, а веднаш потоа и дека експресно е одземена лиценцата на компанијата за обезбедување, која на бизнис-пазарот фигурира од 2022 година, а нејзината кариера вртоглаво расте откако вмровците повторно се забетонираа на Илинденска.
Тоа го потврди и Основното јавно обвинителство, кое пред десетина дена излезе со информација дека е уапсен вистинскиот сопственик на „Рубикон“.
„Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице во подружницата во Кочани“, се наведуваше во соопштението од ОЈО.
Таа трагична ноќ, задолжени за обезбедувањето за време на свирката била токму агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Всушност, таа агенција цело време ја обезбедувала дискотеката, во која сигурно како и таа ноќ, и секоја друга биле пуштани малолетници да се журкаат. Но, трагедија се случува еднаш. Токму тој 16 март внатре на свирката на ДНК биле пропуштени повеќе од 30 малолетници, од кои шест од нив починаа, додека, пак, 25 беа повредени.
Но, едно е чудно во целата приказна. Нацев упорно се крие дека е вистински сопственик на агенцијата за обезбедување, очигледно да не се поврзува со ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што тој е човек близок до актуелната владејачка гарнитура, бил функционер во нивно време, а лавчето му е залепено за срцето.
Но, на лагата ѝ се кратки нозете. Кога-тогаш, вистината излегува на површина. Порано или подоцна. Е сега, дали поранешниот функционер на ДПМНЕ навистина ќе сноси кривична одговорност, ќе покаже времето.
НАЦЕВ ПРАВЕЛ БИЗНИС-ЗДЕЛКИ ВО СТРУМИЦА, КОЧАНИ И ВО ШТИП
Откако во јавноста „пукна“ информацијата дека Александар Нацев е вистинскиот сопственик на „Рубикон“, по краток период во неговиот стан во Скопје, Пробиштип и во неговиот автомобил биле извршени претреси, каде што била најдена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.
На тој начин се докажува и сопственичката структура во фирмата, која лека-полека почна да го презема бизнисот со обезбедувањето низ државата, но страшниот пожар им ги помати сметките.
Тајниот сопственик на „Рубикон“ заврши во 30-дневен притвор, а на негов грб се товарат доста малверзации околу незаконското работење со кочанската дискотека. Нацев, како што дознава „Фокус“, во заднина бил главниот што раководел со планот и начинот на работа, преку него оделе сите усни и писмени договори, поточно тој лично ги „склучувал“ сите бизнис-зделки.
Според нашите информации, Нацев редовно го користел името на партијата ВМРО-ДПМНЕ, за да може вртоглаво да го тера бизнисот со обезбедувањето, а доста работа имал и во североисточниот регион, со оглед на тоа што потекнува од малото гратче Пробиштип, па својата бизнис-стратегија ја развил и таму. Тој, под закрила на вмровците, самоиницијативно или со нивна помош доста брзо се „разработил“, па експресно соработките продолжиле и во Скопје.
Вистинскиот сопственик на „Рубикон“ не седел мирен. Тој, своите бизнис „пипала“ ги пуштил и во Струмица, Штип и во Кочани, а имал желба неговата компанија да почне со работа и во рудникот „Булмак“ во неговиот роден град, но во последен момент го „изиграле“, па бизнисот го презела друга агенција за обезбедување.
„Фокус“ провери во кои сѐ градови харала оваа фирма, со кои соработувале и што сѐ покривале во регионот од каде што доаѓа поранешниот функционер на ДПМНЕ.
Информациите до кои дојде нашата редакција се дека Нацев имал бизнис-соработка со градежна компанија во Струмица, а во Кочани, освен дискотеката „Пулс“, го обезбедувале основното училиште „Малина Попиванова“. „Фокус“ дојде и до официјалниот договор на училиштето со агенцијата за обезбедување „Рубикон“, кој бил склучен на 4 ноември, 2024 година. Дописот до новиот градоначалник Венко Крстески е испратен краток период после страшниот пожар.
„Во моментот, договорот со таа агенција сѐ уште не е раскинат, иако имаме новонастаната ситуација со пожарот, кој се случи во нашиот град. Се работи за истата агенција и од тие причини најверојатно сѐ уште немаме известување од нив дека договорот се раскинува. Имаме само усно известување од лице што е вработено во агенцијата дека како правно лице повеќе не постојат, но сѐ уште како училиште немаме добиено официјален допис.
На 8 мај, 2025 година имавме надзор од инспектори од МВР-ПС Кочани во врска со истата агенција и нејзиното работење, за што е направена и службена белешка. Би сакале да ве известиме дека по добиените фактури за наплата, ние имаме платено до февруари“, се наведува во дописот од училиштето до кое дојде „Фокус“.
Нацев од јавноста се криел дека е вистински сопственик на Агенцијата за обезбедување, но нашите извори тврдат дека очи в очи се среќавал со луѓето и договарал бизнис-соработки, додека, пак, на одредени, наводно, им се заканувал, а тука го користел и името на неговата матична партија.
Но, тоа што е уште почудно во целата приказна е што работеле доста незаконски, а тоа го докажува и случајот со кочанската дискотека „Пулс“, за што потврдија и од Основното јавно обвинителство. Дури немале и склучен договор.
„Тие, без да имаат склучен договор со корисникот на Кабаре „Пулс“, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените што биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
ОЈО ги сомничи физичките лица и самата агенција „Рубикон“ дека не воделе грижа што илегалното кабаре е преполнето, па пуштале деца да влегуваат внатре на катастрофалната ноќ, на 16 март. ОЈО смета дека обезбедувањето требало да спречи во дивото диско да влезе пиротехниката, а ги товари обезбедувачите на „Рубикон“ и дека не направиле безбедносна проценка и план за обезбедување, не ја провериле противпожарната заштита и опасноста од пожари, ниту сигурносните услови, со што би виделе дека има само еден влез за евакуација, што е незаконски.
КРИМИНАЛНОТО ДОСИЕ НА НАЦЕВ
Премиерот Христијан Мицкоски, пред една недела истакна дека речиси и да не знае ништо за притворениот газда на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Нацев, кој беше уапсен за трагедијата во Кочани.
Иако има повеќе фотографии од нив двајцата, Мицкоски на прес-конференција во владата, на новинарско прашање во врска со улогата на приведениот долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека знае само оти тој имал „некаква функција“ во владата на Никола Груевски. И дека сега нема никаква поврзаност со партијата.
Нацев доби доста функции од партијата, но во последните години може не е активен до толку, со оглед на тоа што се насочи во приватните бизнис-води, повторно под закрила на ДПМНЕ.
Како што објавивме, тој редовно се појавуваше на прес-конференциите на вмровците, каде што зборуваше за скандалите на претходната владејачка гарнитура. Нацев, на политичката сцена е најмногу активен во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беа во опозиција, па така тој најчесто зборува за наводните криминали на тогашната владејачка гарнитура од штабот во Белата палата.
Тој беше директор и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во периодот кога Груевски беше премиер. Од таму излезе со криминално досие.
Според објавите во медиумите, тој во 2019 година заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Нацев се товареше дека го оштетил буџетот на државата за околу 17.000 евра, пари кои ги употребил за лични потреби.
„Фокус“ дознава за што ги потрошил парите што биле наменети за репрезентација, односно за патни и дневни расходи во рамки на својата работа. Според полицијата, Нацев набавувал стоки и услуги што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата.
Пред сѐ, само за угостителски услуги Нацев потрошил 7.585 евра, средства што не биле оправдани дека се направени за потребите на Дирекцијата.
Во време на своето директорување, тој, со државни пари, купил два рачни часовници, едниот со вредност од 6.990 денари, додека другиот во вредност од 9.700 денари, или 155 евра.
Со парите наменети за репрезентација, тој купил и очила за сонце од 5.900 денари, парфем од 4.100 денари, чевли од 6.990 денари.
За машки капути тој потрошил 17.130 денари, додека за панталони и џемпери 17.250 денари. Дополнителни 12.390 денари потрошил за брендирана облека.
Нацев со државни пари купувал протеински капсули и протеински производи, како и спортски обувки за што потрошил вкупно 8.820 денари.
Само под ставка ненаменски трошоци, според податоците од истрагата, Нацев потрошил 156.398 денари. Во бензинските пумпи на „Макпетрол“, поранешниот директор наточил гориво во износ од 4.460 евра, додека 200 евра дополнително за свои лични потреби.
Вкупната штета што ѝ ја нанел на државата, според кривичната пријава, изнесува 27.661 евро. Полицијата го товари и дека без да спроведе постапка за јавна набавка, со свесно намалување на набавките на износи до 500 евра без ДДВ на месечно ниво, со средства од буџетот на Дирекцијата извршил набавки на стоки и услуги од пет правни лица и со тоа им овозможил да се стекнат за имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари. Сепак, не е чист како солза.
Јавно достапните податоци покажуваат дека Нацев бил и еден од делегатите на 16-от вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој Груевски беше испратен една година пред да побара азил во Будимпешта, а за нов претседател беше избран Мицкоски.
БИЗНИС-ЗДЕЛКИ
Но, сепак, да се навратиме на Агенцијата за обезбедување. Како што веќе објавивме, таа на бизнис-пазарот е нецели три години, но како што дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, така турбо се разработија. Последната година за нив беше еден вид отскочна штица, но некако водите им ги помати трагедијата во Кочани.
Тамам почнале да работат и редовно да учествуваат на тендери се случува 16 март и тука некако стопира нивната засега актуелна кариера како агенција за обезбедување. Во меѓувреме им е одземена и лиценцата за работа.
„Ве известуваме дека веднаш по настанот од страна на ОВР Кочани е иницирана управна постапка за одземање на дозволата за работа на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Врз основа на барањето од страна на Одделот за граѓански работи, Сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, агенции за обезбедување и детективска дејност донесено е решение за одземање на дозволата за работа на наведената агенција“, информираат од МВР во изјава за „Фокус“ уште на почетокот на мај.
Во моментов и до Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување е стигнато решение дека е одземена лиценцата за работа, но постои можност за жалба до второстепена комисија за која сѐ уште тече рокот.
„Фокус“, пред повеќе од еден месец објави за тендерите за обезбедување објавени на Бирото за јавни набавки на неколку средни училишта во Скопје.
Податоците уште покажуваат дека со средното училиште „Кочо Рацин“ склучуваат договор за обезбедување на 14 март, само два дена пред трагичниот настан во дискотеката „Пулс“. На тендерот се пријавиле три фирми, а како главен критериум е наведена најниската цена, па така „Рубикон“ ја склучува бизнис-зделката во вкупна вредност од 11.416 евра.
Додека, пак, само еден месец претходно, на 17 февруари годинава, компанијата склучува договор за обезбедување со средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, во вредност од 19.186 евра. На тендерот учествувале дури шест компании, кои се бореле да го преземат училиштето.
На Бирото за јавни набавки може да се забележи дека едно по едно, елитните средни училишта завршуваат во рацете на „Рубикон“, а меѓу нив е и „Ѓорѓи Димитров“, со кој склучиле договор на 5 септември лани, во вредност од речиси 10.000 евра.
Вака-така, се отвори Пандорината кутија и работата стигна и до Александар Нацев, вистинскиот сопственик на „Рубикон“. Со оглед на тоа како функционираат работите во државата, сигурно власта реши да го жртвува за да докаже дека законите се исти за сите или, пак, е само обична маска за пред јавноста. Но, да видиме како ќе заврши судскиот расплет за оваа страшна трагедија во Кочани, кога еден по еден обвинетите ќе седнат на обвинителна клупа.
Рамка1:
СКРОМЕН ИМОТЕН ЛИСТ НА НАЦЕВ
Нацев, иако е од Пробиштип, тој речиси цели 15 години со своето семејство живее и работи во Скопје, каде што поседува свој сопствен стан. Сепак, останале неговите блиски релации во источниот регион, каде што и го проширил својот бизнис.
„Фокус“ успеа да го најде имотниот лист поднесен до Антикорупциска комисија уште во 2016 година, кога бил на функцијата директор. Тој, на негово име поседува стан во Скопје, а на име на сопругата има куќа и земјиште во Радовиш, добиени преку наследство.
Рамка2:
ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ СЕ ПРЕПУКУВААТ И ЗА НАЦЕВ
Двете најголеми партии продолжија да се препукуваат и околу апсењето на Александар Нацев, вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека апсењето на Нацев е доказ дека правда има и таа важи за сите.
„Секој што има каква било инволвираност со трагедијата во Кочани ќе излезе пред институциите, без разлика дали е член на ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ДУИ или која било друга политичка партија“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, пак, СДСМ тврди апсењето на Нацев е задоцнето и дека со жртвено јагне ВМРО-ДПМНЕ сака да ги спаси актуелните функционери.
„Три месеци, владата на ВМРО-ДПМНЕ негираше секаква вмешаност на Нацев, како сопственик на агенцијата која го обезбедувала кабарето „Пулс“ во Кочани. Го бранеа, го амнестираа, додека родителите на жртвите во трагедијата бараа одговори и правда.
Дури Мицкоски најави и оставка ако потврди дека некоја агенција за обезбедување била блиска до ВМРО-ДПМНЕ.
И кога видоа дека не можат да ја избегнат вистината и дека мора да се спасат, ВМРО-ДПМНЕ сега го користат Нацев како жртвено јагне, надевајќи се дека јавноста ќе заборави кој навистина е одговорен“, се наведуваше во соопштението од СДСМ.