Режимот на Груевски ќе ја рехабилитира политиката на Сталин!

by Фокус

Текстот е објавен на 20-ти јули 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 890

Пишувал
Стојан АНДОВ

Овојпат треба да ги видиме основните теми по кои се водеше идејната борба меѓу мене и претставниците на НИП-от. За таа цел објавувам делови од мојот втор текст под наслов „Системот на самракот” објавен на 15 мај 1998 година, во весникот „Дневник”, бидејќи „Нова Македонија” не сакаше да го објави.

„Во минатата недела, во рок од четири дена, во изданијата на НИП „Нова Македонија”, лошата оценка за мене и нападите врз мене се засновани на „лошата школа што сум ја минал”. Означен сум како човек кој во младоста ја минал „тиквешката школа на Лазар Мојсов и Мито Хаџивасилев – Јасмин”. Тоа им е еден од главните „аргументи” за македонската политичка сцена.

Признавам дека во младоста спомнатите две личности – Мојсов помалку, но Јасмин многу повеќе – имаа влијание врз формирањето на моите погледи, а врз мене имаа влијание и други личности, како што се Крсте Црвенковски, Лазар Колишевски, Никола Минчев и други истакнати политичари од нашата неодамнешна историја. Впрочем, јас растев и се школував во повоена Македонија. Исто така, врз мене имаа влијание и истакнати личности од тогашна Југославија, особено Јосип Броз Тито, но и помалку познати, како што беа проф. Љубислав Марковиќ од Белград, Звонимир Танко од Љубљана и други. Република Македонија беше во Југославија и затоа и ние бевме во многубројни, па и мисловни комуникации со другите средини од нашата заедничка држава.

НЕТОЛЕРАНЦИЈА ДО АРОГАНЦИЈА

Потоа животниот пат ми овозможи контакти и соработка со познати  личности од Европа, како што се Рој Џенкинс, Вили Хаферкамп, сер Рој Денман, гроф Ото фон Ламсдорф, Ж.Ф. Понсе, Франческо Косига и многу други. Од тие личности, исто така, трпев влијание и со нивното искуство сум го дополнувал своето. Ги студирав делата на Маркс, но и на Платон, Аристотел, Декарт, Кант, Хегел, особено на Лок, А. Смит, Т. Пејн, Мил, Торквил, Кејнз, Попер и други. Во својот 63- годишен живот трпев разни влијанија и сите нив ги сметав за составен дел на моето искуство. Ме фасцинираат големите светски дела. За такво дело ја сметам и одлуката на македонскиот народ донесена во 1941 година, да ѝ се придружи на антифашистичката алијанса.

Луѓето, генерациите што ја донеле, без оглед на грешките што подоцна ги направиле, ме фасцинираа со ширината на своите погледи, со нивната длабока поврзаност со фундаменталните интереси на својот народ, со визионерството, со храброста и решителноста што ја покажале тогаш. Меѓу нив се и Мито Хаџивасилев – Јасмин и Лазар Мојсов. Тие двајца имаат посебен придонес и за создавањето и за развојот на НИП „Нова Македонија”. Сегашните новинари, особено г. Колемишевски треба да ги чуваат и да ги ценат придонесите на Хаџивасилев – Јасмин и на Мојсов, а не да настојуваат политички да ме дисквалификуваат поради тоа што во својата младост сум трпел влијание од нив.

Втората конструкција за нападот врз мене се заснова на мојата подготвеност да соработувам со луѓе што имаат различни политички убедувања: со Гошев, Глигоров, Тупурковски, Кљусев, Георгиевски, Димитров, Димовска и други. Признавам дека со сите спомнати бев подготвен да соработувам за важните државни прашања. Впрочем, сметам дека важните државни прашања може успешно да се решаваат само со успешна соработка на политичарите со различни политички убедувања и погледи.

Затворањето во кругот на едномисленици за политичарот го сметам за крајно опасно, бидејќи води до нетолеранција, до ароганција и до површност. Политичарите што дејствуваат на тој начин водат кабинетска, кафеанска политика, која е кусогледа, без визија и е штетна за земјата што впрочем еве и се покажа.

Г. Колемишевски со сарказам и, воопшто, со потценување кон мене се брани од одговорноста. Тој нашол време да го отвори лексиконот и прочитал дека зборот систем има позитивно значење. Кога веќе толку го сака сарказмот, ајде да му одговориме со сарказам: ако имал уште малку време и ако прочитал уште некоја страница од лексиконот или, пак, уште некоја книга ќе видел дека зборот „систем” може да има позитивно, неутрално, но и негативно значење.

Така, на пример, имаме систем на човечки вредности, мелиоративен систем, електро-енергетски систем, одбранбен систем, биосистем, нервен систем, банкарски, царински, политички, економски систем, но и систем на апартхејд, систем на концентрациски логори, фашистички систем, а и мафијата е систем. Затоа, да го оставиме сарказмот настрана и да се концентрираме на нашата конкретна ситуација. А таа е многу неповолна.

СИСТЕМ НА САМРАКОТ

Граѓаните на Македонија, преку своите избрани претставници, се изјаснија за евроатлантската ориентација и ја декларираа намерата да ја интегрираат својата земја во евроатлантските структури. Веќе шест години ја плаќаат цената, но резултатите се многу слаби.

Во својата политика на проширување кон Исток, ЕУ ја изостави Македонија. Со „Агендата 2000”, Балканот е одново поделен. Издвоени се Словенија, Романија и Бугарија, за кои почна подготвителниот период за влегување во ЕУ и кои подоцна, заедно со Грција, ќе го сочинуваат европеизираниот Балкан. Останува т.н. Западен Балкан, кој го сочинуваат Албанија, Македонија, БиХ, СРЈ и Хрватска, чија иднина е неизвесна.

Деновиве е објавен и последниот Извештај на ЕУ за состојбите во Македонија. Оценките се негативни. Отфрлена е секаква можност за разговори за подобрување на статусната положба на Македонија во односите со ЕУ, додека сегашната влада е на власт.

Оценките на ЕУ за нашата влада се негативни речиси за сите сектори. Најостри се за медиумите. Таму ситуацијата е оценета како загрижувачка поради контролата што владата ја има кон нив. Во оценката за зајакнувањето на демократските процеси во земјата, најостра критика во областа на медиумите е упатена на конгломератот НИП „Нова Македонија”.

Паничната и штетна за земјава реакција на министерот Ханџиски за „сомнителните мотиви на ЕУ во нејзините оценки за Македонија” само открива дека СДСМ е погоден во нервот и не може да се надева да остане на власт без бруталноста на системот на г. Панде Колемишевски. А тие услуги се сведуваат на следното: системот на г. Панде Колемишевски преку изданијата на НИП „Нова Македонија” и преку други изданија ќе креира измислени факти и конструирана вистина. Ќе настојува до свеста на граѓаните да не допре неизбежноста до сегашното политичко раководство за водење на земјата. За тоа веќе е постигнат договор.

Прво, пред една недела г. Колемишевски во текстот во кој повторно ме нападна, за следните избори јавно изјави – не дека ќе се бори за објективно и професионално информирање, туку ќе се бори за да победи Бранко Црвенковски. Владата како најголем поединечен акционер во НИП „Нова Македонија”, на собранието на акционерите му врати: ја одобри и ја поддржа активноста на г. Колемишевски. Затоа истакнувам дека г. Колемишевски навистина има систем, ама не е позитивен, туку многу е негативен.

Тоа е систем на самракот. И тој уште  еднаш ќе биде употребен за да им ги помрачи умовите на нашите граѓани, ќе се обиде ако може пак да му ја сочува власта на Црвенковски. Меѓутоа, за сѐ им е веќе доцна на тие господа. Прочитани се и залудно им е сѐ. Поразот им е неизбежен, им нема спас”.

РОБИНЗОНОВ ОСТРОВ НА ИЗМИСЛЕНА ИСТОРИЈА

Ако се споредат оценките и заклучоците во цитираниот текст, со реалната денешна состојба, ќе се види дека по главните точки што ги третира тој, можеме да констатираме дека ситуацијата денес, во однос на таа во 1998 година, е значително полоша. Прва точка околу која дојдов во судир со луѓето од НИП-от беше прашањето каков треба да биде нашиот однос кон нашата поблиска историја.

Со цаката за тоа дека јас сум производ на некојаси „тиквешка школа на Лазар Мојсов и на Мито Хаџивасилев – Јасмин”, сакале или нејќеле, моите некогашни опоненти создаваа слика која не ја одразува вистината за нашата Народно-ослободителна антифашистичка војна (НОАВ). Тврдењето дека постоела некоја тиквешка школа на оној или на овој, подразбира дека постоеле и други такви школи, веројатно со различни програми и цели низ Македонија, што не е вистина.

Тоа шминкање, поточно огрдување на нашата НОАВ, ја предизвика мојата реакција. Меѓутоа вакви обиди, како овој од моите опоненти, на искривено гледање кон нашата поблиска историја, во 1998 година беа ретки. Наспроти тоа, денес искривувањето на нашата понова, но и подалечна историја е главен тренд на режимот на Никола Груевски. Тоа веќе не е идејно или научно гледање, туку претставува конкретна државна активност, која во програмата на владата на Груевски и, за жал, во политиката на ВМРО-ДПМНЕ има приоритет над сите приоритети.

За дел од таа активност, цел свет разбра и главно ни се потсмева. Ама нашите поблиски вистински пријатели кои ги познаваат нашите состојби и тешкотии со кои се соочува земјата, жалат  поради таквиот развој во Македонија. Жалат, но не знаат како да ни помогнат. Во тек е остварувањето програма за индоктринација на младите со „вистини” за нашата историја, кои никој надвор не ги познава ниту, пак, ги признава.

Така, Македонија станува некој нов Робинзонов остров на измислена историја, кој никако не може да фати спој со збиднувањата во земјата, во регионот и во светот. Но, да ги оставиме тие таканаречени прашања на нашата антиквизација. Да се свртиме кон нашата понова историја.

Откако во првите две години од својата власт Груевски утврди дека нема да му помине обидот периодот на нашата НОАВ ан блок да го негира, да го отфрли и да го осуди како комунистички период, на тоа поле сега тој се обиде и се обидува софистицирано да му продаде лажна вистина на народот.

Имено, режимот на Груевски, за истакнати личности во НОАВ ги признава само оние учесници кои во повоениот период биле репресирани, т.е. апсени и судени. Тие што немале таква судбина, а се истакнале во борбата против фашизмот, априори се третирани како џелати на оние првите. Така во сликата за историјата на НОАВ на Македонија, како творци на победата доминираат имињата на Методиј Андонов – Ченто, Панко Брашнаров, Павел Шатев и други.

Неспорно е дека и тие личности имаат одредени заслуги. Но, исто така, не е спорно дека заслугите на секоја личност треба да се оценуваат врз основа на ефектите што таа ги постигнала за целиот нејзин живот. Ченто, на пример, ги заслужува сите признанија, но не смееме да заборавиме дека не помалку признанија од него, туку сигурно повеќе заслужува генерал Михајло Апостолски. Тој е креатор на македонската војска, на нејзините победи во НОАВ и на политичкиот пат кон АСНОМ.

За  другите личности мерењето на нивните заслуги треба да произлезе од темелни проучувања на нивната активност. На пример, Павел Шатев заслужува почит како еден од солунските атентатори, кој единствен преживеал, бидејќи бил малолетен.

СОРАБОТКАТА НА ШАТЕВ СО НКВД

За Павел Шатев слушав од татко ми уште како дете. Како министер во владата на СФРЈ во 1977 година патував во Либија повеќепати. Еднаш се случи да имам три слободни дена во мојот престој. Ги замолив домаќините да ме префрлат во Фејзан, во гратчето Себха, кое беше оддалечено 700 км од брегот на Средоземно Море. Знаев дека таму извесно време бил заточен Павел Шатев и побарав од месното раководство да ми ги покажат некогашните казамати.

Тие ме одведоа малку надвор од гратчето, каде што најдовме неколку зелени згради. Ми објаснија дека Италијанците некогашниот турски затвор го претвориле во касарна. Не најдов некој документ што укажува на судбината на Павел Шатев во Фејзан.

Нашето поблиско минато не смееме да го толкуваме според нашите емоции и според дневно-политичките интереси на оваа или на онаа партија во тековната борба за власт. Допрва треба да се проверат навестувањата за поврзаноста и дејноста на Шатев, како и неговата припадност на тајната полиција на Сталин, НКВД.

Таа полиција била егзекутор на многубројни злосторства во СССР и надвор од таа земја. Едноставно, не е можно соработката со таа полиција да не влијае врз оценката за Шатев и за неговиот придонес  на националната кауза и на развојот на демократијата во Македонија. Општо земено, треба да ги осудиме голооточките репресии и нечовечните поставки кон апсените, означени како информбировци, но не смееме да направиме крупна грешка, така што нашите обиди за рехабилитација да се претворат во рехабилитација на идеите и  политиката на ИБ и на Сталин. Општо земено, во односот кон нашата историја, владата на Груевски отиде предалеку без да има реална основа и проверени критериуми за тоа.

Втора точка по која 1998 година дојдов во конфликт со опонентите од НИП-от, беше нашата евроатлантска ориентација. Изданијата на НИП-от и МРТВ, некритички и тенденциозно ја бранеа политиката на тогашната влада и особено на министерот за надворешни работи, Благој Ханџиски.

Мојата оценка беше дека владата не си ја работи работата и ја пропушти можноста Македонија да биде вклучена во „Агендата 2000”, што ќе и овозможеше заедно со Словенија и со соседна Бугарија и со други осум земји, да стане полноправен член во ЕУ. Но, тој пропуст донекаде е надоместен  во 2001 година, кога владата на Љубчо Георгиевски со ЕУ ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Тој курс е продолжен од владите во мандатот од 2002 до 2006 година, кога премиери беа Црвенковски, Костов и Бучковски, а заврши со добивањето кандидатски статус на земјата во декември 2005 година. Груевски, пак, од доаѓањето на власт, ситуацијата сериозно ја влоши. Земјата не направи ни чекор напред во евроинтеграциите. Особено е лошо што Груевски лично се скара со водечките луѓе и институции на земјите, наши проверени пријатели, без чија помош Македонија не ќе можеше да добие независност, ниту, пак, ќе можеше да опстане како независна држава во изминативе дваесет години. Тоа го покажува објективното споредување на состојбите и ефектите од пред 14 години со денешната состојба!

Поврзани новости